вестиМакедонијаТоп вести

Најголемата фарма на магариња е во делчевско и има 40 грла

Киро Гоцевски од селото Нов Истевник по враќањето од Швајцарија спечалените пари ги инвестирал во најголемата фарма со магариња во земјава

Се вратил од печалба од Швајцарија почнал со 4,сега има 40 магариња а ако тргне продажбата на млекото планира фарма со 240 магариња. Ова е планот кој си го зацртал пред себе амбициозниот фармер Киро Гоцевски од селото Нов Истевник во близината на Делчево во недопрените планински предели и убавини кои многу потсетуваат на Швајцарските планини каде што бил на печалба. Идејата за фарма за магариња му била стара иако признава дека додека бил на печалба и планирал да се врати, првичниот план бил да почне да одгледува бел синап на околу 200 декари, но планот се сменил случајно. Му се јавил пријател кој му кажал дека наишол на 4 магарици во некое соседно село кои се продавале и така решил да ги купи, по што започнува целокупниот пресврт кон сточарството односно кон одгледување на магариња.

-Кога се вратив од Швајцарија некаде во февруари веќе ме чекаа 4 магарици и така решив дека ќе чувам магаренца. Потоа го задолжив другарот кај ќе најде магаре кое се продава да ми јави и да го купи. Од Берово до Кочани по сите села појде другарот мој и едно по едно фармата бргу се наполни со 40 женски и едно машко магаре во просек платени по околу 200 евра од грло. На почетокот не ги ни разбиравме кое е старо или младо туку само купувавме. Неколку магариња изгубивме и од првичната состојба до сега има голема разлика зошто тука имаат се како што треба и веднаш има напредок. Јас додека бев мал во моето семејно стопанство секогаш сме имале магаре ама не сум ги знаел сите работи околу чувањето и сe полека учиме и напредуваме. Досега имам инвестирано околу 25 илјади евра во магарињата и механизацијата а ако се земе во предвид и земјата и објектите кои претходно ги купив досега може да се каже дека вкупно во оваа фарма е инвестирано околу 100 илјади евра, рече Киро Гоцевски сопственик на најголемата фарма за магариња во земјава.

Главната цел на отворањето на најголемата фарма за магариња е бизнисот со млекото кое заради квалитативните својства е доста барано особено во време на корона криза кога многу помага за јакнење на имунитетот. Магарешкото млеко кое е најслично со мајчиното е богато со имуноглобулини и исто како што бебе додека цица од мајката е заштитено од вируси и бактерии така и преку магарешкото млеко се превенираат или лекуваат пред се болести на респираторните патишта како и доста други заболувања. Цената на литар млеко изнесува три илјади денари.

-Една магарица откако ќе добие мало магаре мора да се остави најмалку три месеци да не се молзи за да има доволно млеко за младото магаренце. Дури по тој период може да се молзе по малку млеко. Ако добро се храни, како што е случај на нашата фарма може да се добие околу 400 милилитри на ден. Може и нешто повеќе ако се молзат по неколку пати на ден ама јас ги молзам само еднаш во текот на денот. Главно сме фокусирани на млекото, ако му се најде пласман ќе оди како свежо бидејќи така е и најделотворно а ако има проблеми со вишокот ќе се прават разни производи. Од магарешкото млеко се прави и сирење кое доста скапо. Гледаме во соседна Србија сите фарми што имаат сирење познатиот тенисер Новак Џоковиќ им го купува за неговите ресторани и немаат проблеми со пласманот а таму го прават како мешавина на козјо и магарешко млеко, додаде Гоцевски.

Од магарешкото млеко може да се прават и сапуни и разни козметички производи но такви амбиции нема овој фармер и вели дека можна е само соработка тој да го произведува млекото а друг сериозен производител да се зафати со козметиката.  Како еден од првите во овој бизнис свесен е дека пред него е тежок пат додека да се стекне навика и да се стекнат потрошувачи за млекото кое е нешто ново на пазарот. Засега за продажба се снаоѓаат или директно на фарма или испраќаат по разни начини. Она што го видел кај земјите како Хрватска каде ваквите фарми имаат и по 20 годишна традиција е дека таму државата ги поддржува со субвенции од 300 евра по грло. Кај нас кога прашал му рекле дека за магарињата не следува поддршка но ако се воведе субвенција од околу 150 евра по грло смета дека ќе се отворат и други фарми, тој неговата ќе ја прошири и ќе изгради нова а ќе се вработат и доста луѓе на тој начин.

З.Б.

 

 

 

 

Слични написи

Back to top button
Close