вестиМакедонијаТоп вести

Насади со бадем нова надеж за македонските земјоделци

Барајќи нови можности за поголема заработувачка земјоделци почнуваат да експериментираат  со одгледување на други поисплатливи култури. Никола  Кнежевиќ од с. Јосифово наместо градинарски култури почна да одгледува бадеми.

Ниските откупни цени и немање пласман најголемата причина што некои земјоделци ги заменуваат градинарските со други поисплатливи култури. Никола Кнежевиќ од с. Јосифово општина Валандово наместо компири, бостан и зелка, подигна насад со бадеми. На интернет прочитал дека во ЕУ има недостиг од ореви, бадеми и лешници па се одлучил да направи измени во своето производство и да се преориентира на одгледување бадеми. Смета дека за нивниот род ќе најде поисплатлив пласман. Ги има посадено на половина хектар земјоделска површина, која е во негова сопственост.

-Со земјоделие одамна се занимавам, а веќе три години сум регистриран земјоделец. Одлучив да го напуштам градинарството и подигнав насад со бадеми. Мислам дека ќе се исплати. Прво има недостиг од бадеми во Европа, а друго има помалку рачна работа. Тоа значи и помал ангажман на работна сила. Претходно одгледував компир, бостан, зимска зелка, се откажав од нив за сметка на бадемите, објаснува Никола.

Никола смета дека домашното производство не е доволно  заштитено и дека на овој план државата треба да смогне сили да им помогне на земјоделците за да продолжат и понатаму да произведуваат, во спротивно не можејќи да ги издржат ниските цени малку по малку ќе почнат да се откажуваат не само од градинарството туку и од други дејности.

-Има шаренило на откупни цени, кои се ниски и неисплатливи, а државна стратегија за развој на земјоделие посебно градинарско производство – нула. Сведоци сме на увоз на градинарски култури од страна на домашни преработувачки капацитети, а домашното производство не го откупуваат. Државата треба да ги охрабрува младите, да се грижи за нив и да ја промени стратегијата, да има договорно производство, да се грижи за извоз и за наплата за земјоделскиот производ. Сега сме оставени сами на себе и да висиме, смета Никола.

Бадемите што ги посадил се трета година, но за жал оваа година нема род бидејќи биле фатени од доцниот пролетен снег во регионот. Но целата вина за нанесените штети не ја фрла само на снегот, вели дека и тој самиот има личен пропуст за што во иднина планира да обрне повеќе внимание на заштитата, секако со совети од стручни лица. Верува дека сето тоа ќе се среди.

-Во зимата не беа доволно заштитени садниците. Делумно е мој личен пропуст, ама бидна што бидна. За да ја надминам состојбата и да ги заштитам во иднина  планирам да употребам  препарати на природна база, биопрепарати. Сè работам сам. Имам поддршка од фамилијата, сопругата и децата, но за сега таа е само морална. Децата се веќе одамна самостојни и работат и заработуваат на друго поле така што немаат време за земјоделие. Земјата е наша, ама се сомневам  дека некогаш би се навратиле на земјоделието, објаснува Никола.

Бидејќи оваа година нема што да продаде, а оптимален род очекува за седум години, за сега за живеачка се снаоѓа работејќи како сезонски работник, не само овде туку и надвор од земјава.

-Од година во година сè потешко е и се намалува бројот на сезонците. Во сезона газдите плаќаат од 130 – 150 ден од час и ако гледаш од перспектива на газдите е многу, но гледано од перспектива на работникот тоа е малку. Затоа планирам наредниот период да одам на неколку месечна работа во Африка, каде се надевам дека ќе ми се исплати повеќе отколку овде.

Смета дека овде работите би се подобриле доколку се либерализира пазарот.

-Пред неколку години имаше трговци од Хрватска, Албанија од БиХ, купуваа грозје и други производи од овде.  Државата буквално им стави рампа, ги избрка, па цената на грозјето падна,  зошто? Правилна стратегија е? Не е. Ако треба да имаме конкуренција на производите треба да имаме и конкуренција на трговци. Трговецот за квалитетна роба убаво ќе плати. Мислам дека четирите министерства за економија, финансии, надворешни работи и за земјоделство заедно може многу да направат, да го штитат земјоделскиот производ, да извезат и да се погрижат тоа да биде наплатено со што ќе го штитат и развиваат домашното производство, смета Никола Кнежевиќ.

 

 

П.Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close