fbpx
ВестиТоп вести

Не е зимница ако нема ајвар

Ајвар –  посебен вид на салата, направена од црвени пиперки. Тој е еден од највкусните специјалитети и најголемите тајни на балканската кујна, и води потекло од Македонија. Ова е напишано во најголемата интернет енциклопедија Википедија за  специјалитетот  ајвар. Ајварот е дел од македонската традиција и нема семејство што го нема во својата зимница. Во минатото подготовката на зимницата секое семејство ја започнувало со правење ајвар. Постапка која се прави на отворено и воопшто не е лесна. Ајварот е храна која лесно се конзервира и најмногу може да опстои  во зимскиот период од годината. Заради неговата голема распространетост тој се произведува и индустриски. Добрите познавачи на вкусовите велат дека ајварот подготвен на традиционален начин е повкусен. Токму затоа  често ги има оние мали производители кои го подготвуваат на традиционален начин,  а за комерцијални цели.

Весна Јаневска од с. Росоман е една  од оние жени која повеќе од една деценија прави спој меѓу традицијата и природните ресурси на нашите простори и води бизнис правејќи зимница на традиционален начин. Она што го научила од нејзината мајка таа сака да го пренесе и на другите.

Ајвар, лутенка, разни салати, печи гмечи, туршија, гамби со зелка, секакви видови на мармелади,слатка, сокови  и уште многу други производи  за зимница се подготвуваат во работилницата на Весна.

Почнала со голем ентузијазам, верувајќи во своите идеи дека во Македонија има природни услови за тоа, но сега се соочува со оној проблем од кој се плашат повеќето земјоделци, кој ќе продолжи после нив.

„Годините поминуваат, а ако синот не продолжи со ова , јас нема да можам уште долго, вели Јаневска. Младите ни се голема поткрепа, но тие го одат својот пат по образованието и немаат многу време да бидат директно вклучени во сите активности. А ова е работа за која се потребни повеќе раце“, додава таа.

Регистрирана е како индивидуален земјоделец и на површина од 2 ха ги произведува суровините што и се потребни. Дел од површините се под овошни насади, а дел се со градинарски култури. Често со цел  асортиманот на производите да биде што поширок  често знае да замине на планина и на оние места каде може да се соберат.

„Иако сум мажена и живеам во Росоман, ги знам сите патчиња во битолско што водат до убави капинки за слатко или сок. Природата ни дала големи благодети, само треба да ги искористиме. Но не се само суровините. Да се произведува на традиционален начин воопшто не е едноставно. Од една страна не охрабруваат да продолжиме да ја негуваме традицијата и да ја промовираме, но немаме доволно услови за тоа. Потребна ни е поголема поддршка од институциите“, објаснува  Весна.

Со цел да  може да ја извршува својата работа формирала и здружение „Вредните Росомански раце“. На почетокот биле повеќе членки, но како што одминувало времето бројот на членки се намалувал. Секаде каде што можат ги промовираат производите. Учествуваат на саеми и други манифестации и веќе се препознатливи по она што го работат.  Се зголемува интересот за производите, но им се зголемуваат  и проблемите. Тука  е  проблемот  со недостиг на сезонски работници што секогаш се чувствува, кога треба да се берат овошките или градинарските култури, но не и единствен.

„Имам идеи, упорна сум. Сакам да ги охрабрам и другите жени да се занимаваат со оваа работа, да ги заштитам, но не зависи сè од мене. Нелојалната конкуренција  многу ни смета, но не знаеме како да се бориме со тоа освен со квалитет. А квалитетот ќе го задржиме само ако имаме услови за работа. За тоа треба ние, како мали производители, да имаме олеснителни околности за да можеме да инвестираме. Во моментов имаме еден објект во кој работиме,  но потребно е уште многу  да се работи“, вели Јаневска.

На сите проблеми со кои се соочуваат малите производители  му пркоси традицијата која се пренесува од колено на колено. Таа е буден чувар на традиционалните јадења и сè додека има луѓе на овие простори таа ќе се пренесува. Ова најмногу ја погодува, затоа што оние што треба да ја учат традицијата и да ја пренесуваат, сè повеќе размислуваат да си заминат на други места каде што има  подобри услови за живот.

Во насока на пренесување на традицијата Весна ни го откри основниот рецептот за подготовка на ајвар.

„ Потребно е 40 кг пиперка ајварка. Се печат и откако ќе се излупат и исчистат од семките се оставаат да се исцедат. Колку ќе се цедат зависи од самата пиперка. Потоа се пржат на оган околу 3-4 часа. За пржењето се додава 2-3 л масло, но и тоа е релативно и зависи од квалитетот на пиперките. Колку масло и колку треба да се пржи , а ајварот да има убав вкус  и мирис најмногу зависи од искуството на оној што го пржи. На класичниот рецепт може да се додаде црни патлиџани, моркови , лути пиперки и други додатоци кои му даваат друг вкус на ајварот“.

И покрај сè Весна  е ведра личност и покрај работилницата се обидува да ги осети сите убавини на животот. Љубител е на планината и често оди на планинарење. Учеството на хуманитарни настани  и ја исполнува душата, бидејќи  токму таа особина, да се помага некому не прави поразлични и поголеми  од останатите.

„На светот му е потребна љубов, храна  и солидарност“ е мотото под кое се води чуварот на традицијата, Весна Јаневска од Росоман.

П.Јовановска

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close