Ден на полето 2019

(Oвој напис е објавен на: May 23, 2019)

 

Во кумановско на полињата на компанијата Клечовце производител на сертифициран семенски материјал и дистрибутерот земјоделската задруга Агростарт се одржа традиционалниот собир на земјоделците од сите региони на земјава за манифестацијата денови на полето. Оваа значајна манифестација на која на едно место се врши презентација на употребата на најсовремените агротехнички мерки при производство на пченица и јачмен се одржува по шести пат изминативе 11 години. Примената на сите современи агротехнички мерки и нивната презентација на ваков начин отворено пред сите земјоделци има за цел да ги унапреди производните резултати кај сите кои сакаат со ова производство да се занимаваат професионално и да остваруваат заработувачка постигнувајќи високи приноси.

-Поминаа 11 години како работиме како трговско друштво Клечовце наследник на земјоделското претпријатие Клечовце кое било формирано пред 56 години и кое било првото и најпознато по производство на семенски материјал во поранешна Југославија. Тоа се златните години на претпријатието кога се извезувале големи количини на оригинали од познатата сорта Скопјанка, која што била застапена на најплодната земја на земјоделските површини во Србија и Војводина. Новото трговско друштво „Клечовце“ во континуитет работи и вложува напори за да го врати стариот и добро познат имиџ на пазарот. Со макотрпна работа, целосна посветеност, следење на светските трендови и употреба на науката, сигурни сме дека сме на вистинскиот пат. Со одбирање на соодветните сорти, примена на современа агротехника, употреба на современи препарати од реномирани и докажани европски производители, употреба на современи машини, мислиме дека го правиме вистинскиот избор рече Бубе Трајковски од Клечовце.

Од 2008 година, кога е преземен комбинатот просечните приноси кои се движеле од 2600 до 2800 килограми по хектар по пет години се зголемени на 4500 до 5500 кг по хектар а признание како рекордери добиваат во 2014 година како рекордери производители на јачмен на површина од 311 хектари со просечен принос 6450кг на хектар. Земјоделците во огромен број беа присутни од сите значајни производни региони низ земјава а со нив заедно во обиколка на парцелите беше и министерот за земјоделство Николовски.

-За да се поттикне употребата на сертифициран семенски материјал во производството на житни култури, во Програмата за директни плаќања за производство на домашен сертифициран семенски материјал на житни култури МЗШВ издвои 20.000 денари по хектар за прва генерација и 15.000 денари за втора генерација. Дополнително, земјоделците коишто употребуваат сертифициран семенски материја и имаат површини од 5 до 50 хектари ќе добиваат субвенција во висина од 14.400 денари по хектар. Употребата на сертифициран семенски материјал е и еден од начините за одржливост на производството на житни култури во услови кога климатските промени изминатите години нанесуваат сериозни штети врз земјоделското производство рече министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Министерот за земјоделство се извини за малото доцнење на манифестацијата но рече дека имале многу важна посета од висока делегација од Брисел која соопштила дека земјава е лидер за 2018 година во имплементација на ИПАРД програмата и нашите искуства ќе се користат и ќе се пренесува нашето знаење на Србија, Црна Гора и Албанија за и таму да постигнат поголема искористеност на европските фондови. До крајот на годината според Николовски ќе се исплатат нови 8,7 милиони евра за реализирани инвестиции во земјоделството а ќе има и уште два повика до крајот на годината. Клучната промена е што е исфрлен човечкиот фактор при одлучување па за вакви инвестиции како оваа во Клечовце каде е набавена современа механизација преку ИПРД во вредност од 250 илјади евра  не мора никој да се заблагодарува на никого туку само да има целосна комплетна апликација и понатаму успешна реализација. Тој ги повика и останатите илјада компании кои имаат склучено договори за ИПАРД да побрзаат со реализацијата на инвестицијата бидејќи парите чекаат да бидат доделени.

З.Б.

Share Button