Не ја даваме пченицата за 9 до 11 денари, велат земјоделците
Почетокот на жетвата донесе разочарување
Добрата вест е што за оваа реколта засеаните површини под пченица се за 13 проценти повеќе отколку што беше во минатогодишната, но лошата е што земјоделците се крајно разочарани од понудата на откупувачите. Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци и фармери на Македонија Перо Стојкоски вели дека со понудените цени, големите производители воопшто не размислуваат за продажба на пченицата.
– Пченица имаме, но откуп немаме. Цена од 9 денари, за нас не е откупна цена. Ние годинава имаме скап производ. Есенската сеидба со цената на нафтата и на вештачките ѓубрива, создаде скап производ. Затоа, и покрај сите мерки на Владата, пак имаме нереална помош. Со цената, пак, што ни е понудена, она што треба да биде наш ќар, сакаат да го земат производителите. Нашата математика кажува цена на леб од 33 денари, каква што имаме сега, треба да биде ако ни ја платат пченицата по цена од 14,5 денари килограм. Ако веќе ни даваат толку ниска цена за пченицата, и ако тоа е нашиот придонес за народот, тогаш и тие нека ја намалат цената на лебот 15 денари, па така заедно да му помогнеме на народот! – револтирано изјави за „Слободен печат“ Стојкоски.
Тој вели дека сега големите производители на пченица воопшто не влегуваат во нивите да почнат со жнеењето.
– Жетвата почна, но на помалите парцели. Големите производители седат и гледаат во пченицата. Еве штотуку ни заврши состанокот, а до никакво решение не дојдовме. Едноставно, затекнати сме со состојбава и не знаеме што да правиме – вели Стојкоски.