вестиЕкологијаТоп вести

Нема место каде дрвокрадците не замешале прсти на Шарпланинскиот предел

Костовски вели дека државата или делумно или воопшто не презема мерки за спречување на ваквата појава. Но, вината ја бараат и во ниската еколошка свест на населението.

Нема место каде дрвокрадците не замешале прсти на Шарпланинскиот предел. За пустошење на шумата на Шара дрвокрадците дури отвораат пристапни патишта, со цел полесен пристап за масакр на дрвјата. Најкатастрофална е состојбата над Шарпланинските села Брезно и Варвара каде на местата на некогашната густа шума останале само голи брда.

-Буквално нема место каде не се масакрира шумата. Ова што се случува на Шар Планина е катастрофа. Се сече се и сешто и дрво по дрво и гола сеча. Ова е катастрофа. Ова е многу лошо за планинскиот туризам, но и за ерозивните процеси е лошо. На пример порано доаѓаа странски туристи и буквално си уживаа додека траеја турите, затоа што имаше густа шума, а сега има само голи брда. И сето тоа ги одвраќа странските туристи пак да ја посетат Шара. Исто е лошо што ја нема шумата. Кога има ерозивни процеси на пример дрвјата ги заштитуваат свлечиштата, а сега не е така. Сега ако има ерозивни процеси се надолу се симнува, вели Славчо Костовски од планинарскиот клуб Љуботен.

Самите фотографии говорат дека шумата на Шара е многу опустошена.

Костовски вели дека државата или делумно или воопшто не презема мерки за спречување на ваквата појава. Но, вината ја бараат и во ниската еколошка свест на населението.

-Мора да имаме поголема еколошка свест ако сакаме да ги зачуваме шумите. Мора да имаме поголема едукација на населението пред се во образовниот процес. Треба можеби да се воведе некоја наставна програма околу значењето на шумите. Уште од најмала возраст мора на децата тоа да им го всадиме, да ги сакаат шумите, дека тие се заеднички од сите нас, рече планинарот Славчо Костовски

Од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, велат дека прават напори за зачувување на шумата.

-На пример сега набавуваме опрема за шумската полиција знаеме во каква состојба е полицијата . Ако се набави добра опрема за нив мислам дека ќе се подобри состојбата и подобро ќе се справат со дрвокрадството, вели Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа.

Од Шумската полиција Тетово, велат дека за целиот Шарпланински масив како и за планините Сува Гора и Жеден се грижат само 18 шумски полицајци. Поседуваат само две возила, од кои едното не им е во функција. Оттаму признаваат дека немаат доволно услови професионално да ја обавуваат својата задача.

-Порано немавме ниту гориво да ставиме во возилото. Да ни дојави некој дека има кражба на шума како ќе стигнеме таму. За да се намали појавата на дрвокрадството, треба да се воведе и реонска полиција односно шумските полицајци да се грижат за одредени реони на шумата, а тоа ќе бара и вработувања на повеќе полициски службеници. Ние како екипа слабо сме опремени со опрема за да се справиме со дрвокрадството,  додаваат од Шумската полиција.

Одредени проценки говорат дека над 50 % од шумата на Шара веќе е опустошена.

 

 

Зоран Димовски

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close