вести

Нема овчари за овците

Платата на овчарите се покачи над 300 евра, но и покрај тоа квалитетните и искусни овчари бегаат во Грција, се жалат сопствениците на бачилата.

ovca22

Во Македонија никој не сака да чува овци. Газдите на бачилата се во очај, бидејќи мака мачат да најдат луѓе што професионално и поодговорно ќе водат сметка за нивните стада. Не помогна, објаснуваат тие, ниту помошта од државата која ја субвенционира овчарската плата ниту зголемувањето на сумата која ја исплаќаат на овчарите, а која е над 300 евра месечно.

“Очајни сме. Проблемот место да се реши, уште повеќе се продлабочи. Недостигот на овчари е сe поголем и поголем. Квалитетните и искусни луѓе ни бегаат во Грција, а Турците, од кои поголемиот дел се јуруци, а кои најмногу работеа како овчари, заминаа како азиланти во Германија. Единствен спас ни се овчарите од Албанија, но и нив можеме да ги ангажираме само на три месеци, бидејќи само толку може да престојуваат во земјава со нивниот пасош. По овој период мора да се вратат во Албанија, а нам ни се потребни 365 дена во годината”, вели Тодор Мушев, претседател на Националниот совет на одгледувачи на овци.

Мушев вели дека до субвенциите за овчарска плата тешко се доаѓа, и бара од властите да бидат поригорозни во доделувањето на социјалната помош, бидејќи има лица што се работоспособни, но бидејќи земаат социјална помош, не сакаат да работат како овчари.

 

овци

Од Министерството за земјоделство велат дека се запознати со сериозниот недостиг на овчари во Македонија и оти работат на негово решавање.

“Со програмата за рурален развој, веќе неколку години по ред се субвенционира овчарската плата. Оваа субвенција е воведена токму за надминување на проблемот со недостигот на овчарите и за да се зголеми месечната плата која им се исплаќа на лицата што ги чуваат овците”, ни рекоа од Министерството за земјоделство.

Според најновата статистика, во Македонија има околу 9.500 стопанства кои се занимаваат со овчарство, а кои располагаат со вкупен фонд од 750.000 овци. За секоја овца се даваат по 1.000 денари годишно, за секое оставено женско јагне по 700 денари и по 500 денари субвенција за автохтона сорта што се чува.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close