fbpx
ВестиТоп вести

Нема производство на автохтоно семе без регистрирана фирма и земја

Сите фирми што сакаат да произведуваат семенски материјал од автохтони сорти може да се пријават во Министерството за земјоделство, но за да бидат регистрирани мора да имаат соодветно земјоделско земјиште и опрема за производство. Правилникот веќе е излезен во „Службен весник“ и стапен во сила.

nema proizvodstvo na avtohtono seme bez registrirana firma i zemja

 

Производителите на семенски материјал од автохтони сорти велат дека ова е единствен начин да се сочуваат сортите по кои е позната земјава. Во моментов активно се произведува само семе од десетина видови пченица и многу мал дел на домат и пиперка. Правилникот доаѓа кратко време по пишувањето дека македонските земјоделци од следната година нема да можат да ги произведуваат за извоз познатите домати „јабучари“, пиперките „куртовската капија“, попозната како „ајварка“, или домашните сорти пченица поради новите прописи на ЕУ со кои се забранува производство и увоз на одредени сорти земјоделски производи. ЕK донела правилник според кој е утврдено како треба да изгледа плодот од одредена култура.

Семето мора да се спакува

Во ресорот велат дека со овој правилник се пропишуваат условите, формата и содржината на барањето за запишување во регистарот на снабдувачи на семенски и саден материјал од автохтони сорти, како и содржината и начинот на водење на регистарот на снабдувачи на семенски и саден материјал од автохтони сорти.

– Снабдувачот, за да се запише во регистарот, мора да има соодветно земјоделско земјиште и да поседува соодветна опрема за производство, доработка, пакување, етикетирање и трговија. Регистарот на снабдувачи на семенски и саден материјал мора да има реден број, име и презиме на снабдувач, адреса, вид земјоделско растение и име на сорта. Регистарот на снабдувачи на семенски и саден материјал од автохтони сорти се води во електронска форма – велат во Министерството.

Огнен Оровчанец, сопственик на „Агроунија“ вели дека кај нас се поретко се среќаваат домашните сорти.

– Ние повеќе би ги произведувале, но има многу контрадиктирности во правилниците. Засега има само пченица, мал дел на пиперка и тритикале – вели Оровчанец.

Во Управата за семе и саден материјал велат дека кај нив лани има пријавено само производство на семе од пиперки од сортата „куртовска капија“ на површина од 1,2 хектар. Од другите култури е произведен сертифициран семенски материјал од житни култури, и тоа 5.117 тони пченица, 1.709 тони јачмен и 577 тони на тритикале.

Семиња од увоз

Директорот на Управата, Менсур Kамбери, неодамна изјави дека Македонија произведува семе што задоволува речиси 25 отсто од вкупната побарувачка на македонскиот пазар, а остатокот се обезбедува со увоз на семенски материјал. За производство на градинарските култури семето речиси 99 отсто се увезува. Според него, во согласност со Законот за семенскиот и садниот материјал, за земјоделски растенија е дозволено производство на автохтони сорти од земјоделски растенија кои се запишани во национална сортна листа. Овие сорти ги произведува локалното население со генерации на мали површини поради нивниот помал принос и неиздржливоста на транспорт, тенка и нежна кора на плодовите. Се продаваат на локалните пазари во нашата држава и немаат економска оправданост за нивно производство на големи површини.

– Автохтоните сорти се сорти што даваат мал и нестабилен принос на единица површина. Тие се запишуваат во национална сортна листа врз основа на извршени испитувања или локално познати податоци за автохтона сорта.

Поради ова, за овие сорти не се врши испитување на морфолошките карактеристики бидејќи тие се нестабилни и неуедначени по форма и облик на растението и плодот и се приспособуваат на почвено-климатските услови во одредени региони – рече Kамбери.

Субвенции за семе

Македонија го субвенционира производството на сертифициран семенски материјал во износ од 15.000 денари за хектар и 60.000 денари за хектар додека тие што користат сертифицирано семе од житни култури добиваат субвенции во износ од 12.000 денари за хектар – велат во ресорот. Субвенциите за производство на расад од градинарски растенија изнесува 5 денари од продадено младо растение, но услов е да има 500.000 млади растенија годишно произведено.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close