Бензините поскапуваат два денари, дизелот поевтинува 2,5 денари
Цената на дизелот ќе изнесува 91,5 денари, Еуросупер БС – 95 ќе се продава за 82,5 денари, додека БС – 98 ќе изнесува 84,5 денари за литар, цени без попустот на Окта.
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука дизелот од ноќеска на полноќ да поевтини за 2,5 денари по литар, додека бензините да поскапат за два денара. Со ова, цената на дизелот ќе изнесува 91,5 денари, Еуросупер БС – 95 ќе се продава за 82,5 денари, додека БС – 98 ќе изнесува 84,5 денари за литар, цени без попустот на Окта.
Оваа одлука на Регулаторната комисија не беше изненадување за премиерот Христијан Мицкоски, кој уште пред нејзиното објавување ги имаше пресметките за движењето на цените. Затоа тој смета дека не е предвремено донесена одлуката за враќање на ДДВ – то за дизелот од 10 на 18 проценти. Најави дека се прават обиди и по 1 мај да продолжат попустите што ги дава Рафинеријата ОКТА од два денара за литар бензин и три денари за литар дизел.
„За ОКТА ќе разговараме оваа недела, се уште не сме ја отвориле темата, но ќе разговараме оваа недела. Ќе разговараме со Министерката за енергетика и се разбира во рамките на можностите, ќе направиме се за да проложи тој попуст.“, вели Мицкоски.



