вестиМакедонијаТоп вести

Југоисточниот регион доби 23 агрометеоролошки станици за поквалитетно производство на овошје и зеленчук по еколошки стандарди

Инсталирани се 23 агрометеоролошки станици во сите 10 општини во Југоисточниот регион за модернизација и подобрување на земјоделското производство со вкупна вредност од  5.077.786 денари. Покрај подобрување на квалитетот на овошјето и зеленчукот со намалување на обемот на третман со хемиски препарати на земјоделските култури, овие станици ја намалуваат загаденоста на воздухот, почвата, водата, а преку проектот земјоделците имаат полесен пристап до информации за климатските промени за правилно управување со земјоделските култури.

– Ваков тип на проекти, навистина можат многу да помогнат за развојот на овој Југоисточен плански регион и особено за поголем придонес во земјоделието за да ги насочат земјоделците како да стигнат до подобри производи, до поголем квалитет на овошјето и зеленчукот. И сето тоа на крајот да придонесе за економскиот развој, вели Зоран Димитровски заменик министер за локална самоуправа.

Според него овој проект е охрабрување на земјоделците од југоисточен регион да користат нови методи за управување со земјоделски култури и заштита на животната средина.

-Ова е една од 23-те агрометеоролошки станици кои што се инсталирани во Југоисточниот плански регион. Апелирам до земјоделците да ги користат што повеќе овие можности, овие корисни податоци, како би постигнале што поголем успех во нивната работа, порача Коста Јаневски, градоначалник на општина Струмица.

Тој појасни и дека ќе се организираат информативни денови и посети со цел да се воведат новите методи за управување со земјоделството во југоисточен регион, а подготвена е и веб-страница www.agrojug.mk; развиен софтвер за предвидување на болести на одредени култури и мобилна апликација (Метеобот) за временска прогноза на 23 локации во Југоисточен регион.

– Она што е интересно е дека успешните примери од некои од регионите потоа се реплицираат и во другите региони, што значи дека она што се инвестира ги дава саканите резултати, вели Мирјана Македонска, национална програмска координаторка во Амбасадата на Швајцарија.

Според неа проектот „Одржив и инклузивен рамномерен регионален развој“ се спроведува успешно во сите осум плански региони во соработка со Министерството за локална самоуправа.

-Поставувањето на 23-те агрометереолошки станици се од голем бенефит за граѓаните на Југоисточниот плански регион, и податоците ги користат преку паметни телефони од мобилна апликација каде што ги дава сите параметри во однос на временската прогноза, а дополнително на веб страната има параметри и за предвидување болести кај растенијата. Досегашните резултати што даваат во однос на користењето е дека повеќе од 1000 корисници ја користат веб страната а над 3000 корисници ја користат мобилната апликација преку паметни телефони, а нашата цел е со текот на времето и се повеќе да го промовираме проектот со цел повеќе да се користат и да го зголемиме производството во југоисточниот плански регион, вели Жулиета Ѓуркова, раководителка на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Според Дичко Ристев, раководител на производство оваа агрометеоролошка станица преку апликација вградена на мобилниот телефон во секое време дава податоци колку е температурата, каква е влагата на почвата на длабочина од 10 до 40 сантиметри. Преку апликацијата се добиваат информации колку е влажноста, дали има оросување, а тоа наоѓа примена во земјоделското производство, почнувајќи од откопување на време, прскање хемиска заштеда на време, берба на време, а сето тоа е овозможено преку метеоролошката станица со овие податоци, со што производството се зголемува за 30-35 проценти.

– Голема чест ни е што и во нашето училиште, покрај големиот број на метеоролошки станици и има еден ваков пример каде 300 ученици имаат можност да се запознаат со новите технологии, посебно во делот на мерењето на климатските фактори кои се едни од битните фактори во земјоделието и учениците имаат можност во текот на практичните вежби да се запознаат со овие метеоролошки станици и дека поголемиот дел од професорите кои се стручни во делот од земјоделието имаат можност да се запознаат со тие нови технологии за да можат подоцна да ги пренесуваат на следните генерации на ученици. Ваквите примери се надеваме дека ќе продолжат и понатаму во нашето училиште затоа што ваквите училишта се расадник на знаењето и на воведувањето на новите технологии, покрај во училиштето и ваквите примери ќе ги применуваат и на своите површини во понатамошниот живот, вели Томе Тимов, професор во средно општинско училиште „Димитар Влахов“ од Струмица.

Слични написи

Back to top button
Close