Нема веќе субвенции на „жими мајка“, земјоделците покрај основна ќе добиваат и дополнителна поддршка
Со новиот модел земјоделците треба да докажат дека имаат остварено и предадено производство за да ги добијат сите субвенции
Стариот систем на субвенционирање каде што земјоделците довиваа субвенции без обврска да прикажат доказ дека оствариле производство се заменува со нов модел каде што сите земјоделци треба да докажат дека имаат остварено и предадено производство за да ги добијат сите субвенции. Ова денес го истакнаа премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство кои на прес конференција го презентираа, како што посочија, новиот европски de capling модел, чија прва драфт верзија беше усвоена на денешната седница на Владата и ќе почне да се применува од почетокот на наредната година.
„Конкретно, досегашниот систем според кој земјоделците добиваа субвенции без да прикажат дека оствариле производство, се заменува со нов дикапелинг систем“, рече премиерот.
Со новиот модел земјоделците добиваат авансна исплата на субвенциите која што ќе ја добиваат во тековната година кога конкурирале за субвенцијата. Односно, тогаш кога им се најпотребни парите за да имаат одржливо земјоделско производство.
„Ги мотивиравме земјоделците да произведуваат повеќе храна, а дополнителна поддршка добиваат оние земјоделци кои ќе се насочат кон производство на стратешките култури со користење на сертифицирано семе и производот ќе го предадат кај регистрирани капацитети или земјоделски задруги“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека Дополнителна поддршка е предвидена и за земјоделците кои од своето производство создаваат финален производ за продажба.
„Ова е само првата фаза за реализацијата на новиот дикапалинг систем за распределба на земјоделските субвенции. Оваа година се применува за овоштарството, имавме пилот проект кај производството на сончоглед, а веќе од следната година ќе бидат опфатени сите земјоделски гранки“, рече Ковачевски.
Тој посочи дека само кај производството на сончоглед, каде што се промени овој нов дикапелинг систем на субвенции оваа година имало двојно поголемо производство на сончоглед, со исто ниво на субвенции во споредба со минатата година.
„Она што е важно и треба да го знае секој земјоделец, и секој граѓанин, дека со новиот модел не е предвидено намалување на средствата наменети за земјоделците туку нивна поефикасна распределба, побрза исплата што значи планско и одржливо производство, од што бенефити ќе имаат и земјоделците и државата“, рече Ковачевски, додавајќи дека со новиот систем на субвенции фокусот се става на стратешките култури, на суровините неопходни за производство на основните прехранбени производи.
Министерот Николовски, истакна дека денес пред Влада го презентирал новиот модел на субвенционирање на земјоделството, кој како што рече е „прв и храбар чекор по 15 години, и на кој интензивно се работеше изминатите шест месеци“.
„Постапката се водеше отворено и транспарентно, беше презентиран и пред новинарите, пред агро советот, но и пред сите 12 под секторски групи кои што држеа состаноци“, рече Николовски, нагласувајчи дека „македонското земјоделство го прилагодуваме и го ставаме на европските аптеки, како и дека во еден организиран систем се ставаат сите чинители намалувајќи ја можноста за плаќање во готово и спречувајќи ја сивата економија. Систем кој има зголемени контроли на терен и гарантира поголемо производство на домашна храна.
„Со новиот модел на субвенционирање, земјоделците преку системот за финансиска поддршка би добивале основна субвенција или основна поддршка која би се исплаќала авансно, а целта е да се одржува земјоделското земјиште во обработлива состојба. Битно ни е земјоделците да не го напуштаат туку со новите договори кои се склучуваат постојано да ги зголемуваме површините кои што се одржуваат и обработуваат. Оваа поддршка ќе ја добиваат сите земјоделци кои што обработуваат земјиште, кои што имаат посеано едногодишна култура или одржуваат траен насад, имаат поднесено барање и воедно ги исполнуваат пропишаните минимум критериуми без услов за предадено производство“, рече Николовски.
Можноста за авансната исплата за дел од основните субвенции се предвидува и кај сточарството, додаде тој.
Според Николовски новиот модел дава одговор и решение на сите утврдени слабости во досегашниот систем на субвенционирање. Со него досегашната поддршка за земјоделците не се крати, туку се прераспределува во повеќе програми со цел поголема ефикасност и навремена исплата.
Новиот модел кој министерот претпладнево го претставил и на владината седница, предвидува зголемена контрола и дополнителни услови за добивање финансиска поддршка, елиминирајќи ги можностите за нерегуларности и зајакнување на продуктивноста, а Платежната агенција добива подолг период за извршување на контролите преку сите системи.
Во новиот систем ќе има и дополнителната субвенција – за стратешки утврдените култури и производи. Дополнителната субвенција е врзана со остварен принос, но и со предавање на производството во регистрирани домашни капацитети или со искористување на производството за сопствена продукција на финални производи регистрирани за продажба од куќен праг.
„Даваме приоритет на стратешки важните култури и производи со цел да обезбедиме поголем принос на стратешки култури и помала увозна зависност на државата. Домашното производство го насочуваме кон домашните преработувачки капацитети, поттикнувајќи го договорното производство“, подвлече Николовски.https://nezavisen.mk/