fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Нема веќе земјоделството да ни го водат слаткари!?

Земјоделците се изгореа од млеко, па сега дуваат и на јогурт

Идната влада вети враќање во нормала на македонското земјоделство, кое во изминатите 10 години буквално беше уништено. Многу земјоделски површини останаа празни, од извозници на зеленчук и овошје станавме увозници, а земјоделците со години мака мачат со ниските откупни цени кои никако да им го вратат вложениот труд и пари. Од ВМРО-ДПМНЕ ветија зголемување на конкурентноста и подобрување на доходот на земјоделците во Македонија, воведување на нови технологии и иновации со кои ќе се намалува влијанието на неповолните климатски фактори, развој на руралните средини со цел задржување на младите во државата…, објави https://www.vecer.press/

Земјоделците со поделени мислења за ветувањата на новата власт за подобрување на состојбите во земјоделството. Велат дека „кој се изгорел од млеко дува и на јогурт“, и оти не е можно за кратко време да се решат сите проблеми во земјоделството кои се наталожени со години. Дел од земјоделците, пак сметаат дека ќе има подобри времиња во земјоделството ако оваа власта остане достојна на ветувањата.

-Од претходната власта не видовме ништо од ветувањата. Се ветуваше на ветер, немаше никаква програма и никакви мерки. Свесни сме дека состојбата не може да се подобри преку ноќ, но од новата власт очекуваме да го крене на нозе земјоделството кое оваа власт го расипа во изминатите 10 години. Се надеваме дека конечно земјоделството ќе почнат да го водат вистински луѓе, а не како досега економисти, правници, па дури и слаткари. Досегашниот советник на министерот за земјоделство беше слаткар, вели во изјава за весникот ВЕЧЕР, Митко Јанков, претседател на „Агроцентар“ од Велес.

Македонија, како што вели од производител и извозник на месо, млеко, млечни производи и земјоделски производи ја направија зависна од увоз.

-Со вистински мерки, јас мислам дека уништеното сточарство ќе се врати на вистинскиот пат, ќе се зголеми бројот на грла добиток, производството на млеко, месо… Очекуваме дека за две години ќе се видат резултатите од мерките на оваа власт. Не очекувам мерките кои ги почна претходната власт да продолжат, бидејќи истите имаа само социјален ефект и не му помагаа многу на секторот, додава Јанков.

Ристо Велков, претседател на Регионален сојуз на земјоделци од Струмица не очекува некој поголеми позитивни промени во земјоделството. Според него, земјоделците се изгореа од претходната власт и сега тешко им е да поверуваат дека ќе дојдат подобри времиња во аграрот.

-Не очекуваме некои позначајни позитивни промени. Ќе биде многу тешко да се опстане во земјоделството со скапи репроматеријали и ниски откупни цени. Откупните цени на доматите, краставиците, пиперките, зелката паднаа, а на некои земјоделски производи производствената цена е повисока од откупната. Гарантираната откупна цена, која ја ветуваат веќе 30 години, никако да почне да се применува. Поради тоа земјоделските производи ќе бидат сè поскапи, бидејќи сè помалку се садат, а логично е тоа што малку го има да е скапо. Освен зголемените трошоци за репроматеријали, скапите ѓубрива…, значаен фактор е и немањето работници. Во земјоделството останаа само стари луѓе, младите си заминаа надвор од државата, вели Велков за весникот ВЕЧЕР.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close