fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

„Нема зима“ за беровското сирење

Eдно домаќинство може месечно да произведе и сто канти сирење, но само со напорна работа. 

Сведоци сме дека млечните производи поскапеа, во маркетите многу тешко се наоѓа сирење за цена од 300 денари за килограм, но жителите на Малешевијата кои се занимаваат со производство на сирење, велат дека имаат нарачки, а граѓаните ги бараат нивните производи.

Иако во државата имаме инфлација, сточарите засега не почувствувале дека луѓето штедат за квалитетно сирење. Некои од нив велат дека побарувачката е поголема од она што можат да го испорачаат. Според нив, купувачите го сакаат беровското сирење поради квалитетот.

„Бараат повеќе одошто можам да направам и продадам. Има сирење и за 300 денари, а кашкавалот и биеното сирење за 380 денари, и луѓето кажуваат дека во маркетите е скапо, а вака барем знаат дека ова е домашно производство, сакаат да се хранат здраво. Купувачи има од секаде, од различни градови. Некои доаѓаат како туристи  во Берово и тука го купуваат, а на некои им праќаме по карго. Обично земаат по неколку килограми“, вели Силвана од Берово за Фактор. 

Борче Лесански од истиот град објаснува дека производството на млеко е намалено и не е како порано, но за сирењето има интерес.

„Има недостиг на млеко, младите не се нафаќаат на оваа работа, а сирењето го бараат од секаде. Си доаѓаат луѓето и си купуваат колку им треба. Важен им е квалитетот, знаат дека сирењето е направено на традиционален начин“, рече Лесански. 

Во Малешевијата повеќе сточари се занимаваат со производство на сирење и кашкавал.

„Има стари муштерии, но се јавуваат и нови. Најголем дел од нив се од Скопје. Оној кој пробал, купувал, нè препорачува на други луѓе. Цените и не се високи ако земеме в предвид дека во маркетите сирењето е 400 денари, а луѓето знаат дека нашите производи немаат пашоци, туку се направени од чисто млеко“, додава друг беровчанец. 

Eдно домаќинство може месечно да произведе и сто канти сирење, но само со напорна работа. 

Државниот завод за статистика објави дека има пораст на индексите на трошоците на животот во јули 2022 година, во споредба со претходниот месец, при што кај сирењето е регистриран скок за 4.5 отсто, а кај млекото за 3.6 отсто.

Производството на кравјо млеко во 2021 година во државата изнесува 326.523 илјади литри, што е за 19.4 отсто помалку во однос на 2020 година.https://faktor.mk/i-vo-vreme-na-kriza-nema-zima-za-berovskoto-sirenje

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close