fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Никифорово – „гнездо“ на падините на планината Бистра

Никифорово е село кое е убаво во секој период од годината, а најрасцветано е во пролет.

Никифорово е село кое е дел од НП Маврово и се наоѓа на падините на планината Бистра, на западната магистрала помеѓу селото Леуново и селото Маврово, на надморска височина од 1250 m. Поврзано е со асфалтниот месен пат P-413 со соседните села Леуново и Маврово, пат кој го обиколува Мавровското Езеро, а од градот Гостивар е оддалечено околу 32 километри. Низ селото тече Никифорска (Петилепска) река која се влева во Мавровско Езеро.

Постојат легенди и преданија за настанокот на името на селото Никифорово. Се претпоставува дека населбата ја основал и изградил манастир поп Никифор, кој покрај другото, се занимавал со одгледување на пчели и по неговото име го добило селото, Никифорово. Дека селото е свето место, укажува и носењето и садењето специјален вид бор, донесен (како што велат преданијата) дури од Света Гора, а по него и месноста е наречена Бор. Овие прекрасни борови виреат и опстојуваат се до ден денес, околу 300 години. Интересна е едната енигма, односно тие се неколку, растат и опстојуваат, но не се размножуваат. Во близина на селото, во местото наречено Бор, постојат остатоци кои потврдуваат дека таму некогаш постоел голем манастирски комплекс.

Ископините кои се направени околу црквичето покажуваат дека тоа е градено три пати до денес. Околу манастирот правени се ископини кои покажуваат остатоци од ѕидови – темели, доказ дека постоеле повеќе простории и градби. Не постојат пишани документи со кои може веродостојно да се каже дека манастирот се вика ,,Св. Пантелејмон“ или слично, меѓутоа сите го знаат како манастирот во Бор. Во селото Никифорово и црквата го носи името ,,Св. Пантелејмон“. Местото Бор не само што е привлечно за локалните жители на селото Никифорово, туку и за посетителите кои се на поминување во овој предел. Прекрасниот мирис од боровите, чистата природа и погледот кон Мавровското езеро поттикнуваат чувства на релаксација, спокој, мир и боженственост.

Никифорово е село кое е убаво во секој период од годината, а најрасцветано е во пролет. Се шири мирисот на јоргованот, жуборот на реката и ветрето кое нежно гали ја прави шумската убавина магична. За сите оние кои сакаат природа, сакаат чист воздух и шетање низ шумски предел, посетата на Никифорово и целиот Мавровски регион е навистина неизбежна.https://aberdojde.mk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close