Николовски: Оризопроизводителите да ја искористат мерката за набавка на комбајни и сушари
Јавниот повик ќе трае до 6 јули, a критериум за аплицирање е барателот да има минумум производствен капацитет од над еден хектар површина под ориз.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски ги повика оризопроизводителите да ја искористат мерката за набавка на специјализирани комбајни за ориз или мобилни сушари за ориз за што во тек е новиот јавен повик.
Можат да аплицираат земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, а максималната вредност по корисник е 3.500.000 денари за набавка на специјализирани комбајни за жнеење на ориз со сецкалици или мобилни сушари за ориз, водени топови и распрскувачи. Јавниот повик ќе трае до 6 јули, a критериум за аплицирање е барателот да има минумум производствен капацитет од над еден хектар површина под ориз.
Оваа мерка започна минатата година на барање на оризопроизводителите кога вкупно потпишаа договори 25 производители на ориз за набавка на комбајн.
– Ги повикувам сите заинтересирани оризопроизводители максимално да ја искористат оваа мерка. Нека го слушнат и видат позитивното искуство од своите пријатели кои веќе добиле комбајн и аплицирајте. Оваа мерка дава голема поддршка во оризопроизводството, изјави денеска Николовски при посетата на семејството Маневи од село Чифлик, кое повеќе од 15 години произведува ориз.
Во рамки на теренските активности, министерот Николовски заедно со директорот на АФПЗРР, Никица Бачовски и државниот советник Трајан Димковски, го посетиле и Институтот за ориз во Кочани кој е дел од Земјоделскиот институт при УКИМ и се занимава со научно-истражувачка дејснот посветена на оризот како земјоделска култура. Мерката за набавка на комбајни за ориз како позитивна мерка која го помага процесот на производството беше оценета и од претставниците на Институтот за ориз.
– Еден од проблемите кој долго време го мачеше Институтот за ориз и неговото дејстување, беше одземеното земјоделско земјиште и недостатокот на кадар. Министерството и Владата во 2020 година успеаја повторно назад и во владение на Институтот да го вратат земјоделското земјиште. Обезбеден е и дополнителен кадар па Инстутутот денес има нови дополнителни три асистенти. Еден од нив е Тоше Јорданов индивидуален оризопроизводител кој минатата година има произведено најголема количина на ориз, информираа од Министерството за земјоделство.