fbpx
Вести

Николовски-Пелеши: Формирање работни групи за унапредување на трговската размена

pelesi

Министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија и Албанија, Љупчо Николовски и Нико Пелеши, на денешната средба во Охрид се договорија да се формираат работни работни групи составени од надлежните институции на двете држави, а кои во следниот период треба да одржат состаноци на кои ќе отворат сите прашања поврзани со трговската размена, системот на следење млечни и месни производи, како и мерките на двете држави за контролата на искористувањето на пастрмката во Охридското Езеро.

„Се договоривме овие работни групи веднаш да започнат со состаноци и за еден месец да се донесат заклучоци по сите отворени прашања. Отворивме повеќе прашања кои и претходно се отворале, но немало резултат. Разговаравме за потенцијалот за зголемување на трговската размена со Албанија. Во 2015 и 2016 година имало проблеми во делот на задржување на стоката на граница. Разговаравме и за рибарството, односно делот со мерките за контрола на искористувањето на рибниот фонд во Охрид. Со министерот Пелеши се договорвме да има зајакнати контроли до двете страни“, изјави министерот Николовски.

Министерот за земјоделство и рурален развој на Република Албанија, Нико Пелеши, посочи дека двете земји треба да го искористат времето до влез во Европската Унија, за унапредување на трговската размена и приспособување кон европските регулативи, особено во делот на земјоделството.

„Ова за нас е важен состанок со оглед на тоа дека и двете земји се интензивно насочени кон евроинтеграциите и овој состанок е во духот на берлинскиот процес што подразбира зголемување на меѓусебната соработка. Сакам од оваа средба да произлезат заклучоци кои ќе значат зголемување на трговската размена и искористување на сите потенцијали во таа насока. Албанија има производи што вие ги немате, и обратно, вие како земја имате производи што нам ни требаат, затоа и трговијата треба да се одвива слободно и без бариери“, изјави министерот Пелеши.

Николовски нагласи дека Република Македонија ѝ стои на располагање на Република Албанија во делот на споделување искуства за преземање чекори за искористување на ИПАРД-програмите, со оглед на тоа дека Албанија сега треба да го објави првиот оглас од ИПАРД-програмата.

Двете земји имаат потпишано протокол за соработка во областа на земјоделството во јуни 2005 година во Тирана, кој е сè уште важечки, но не е функционален.


 

макфакс.ком.мк

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close