Николовски: Земјоделството е еден од најважните сектори

(Oвој напис е објавен на: October 19, 2017)

Претставници на академската заедница, на бизнис-секторот, на останати институции и реномирани научници од 26 земји учествуваат во работата на 3. Меѓународен симпозиум за земјоделство и храна што по повод 70-годишнината од Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од денеска се одржува во Охрид.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во обраќањето пред учесниците истакна дека земјоделството е еден од најважните сектори кој во вкупниот бруто домашен производ учествува со 13 проценти, кој после услужната дејност и преработувачката индустрија е трет по големина сектор во националната економија, истовремено обезбедувајќи приходи и вработување на преку 17 проценти од работната сила во земјата.

– Министерството ќе ја продолжи континуираната соработка со научните инстутиции при креирањето на новите аргарни политики за развој, со цел развивање на сектор прилагоден кон заедничката европска политика. Во моментот се подготвува петгодишната национална програма за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, во чија подготовка учествуваат и ќе дадат свој придонес не само институциите туку голем број експерти – рече тој.

Тој изрази уверување дека од собирот во Охрид ќе произлезат голем број заклучоци, корисни наоди што ќе можат да се применат во пракса, со цел успешно заокружување на процесот на модернизирање на македонскиот аграр.

На Симпозиумот ќе бидат презентирани 386 труда во сферата на научните и практичните достигнувања во областа на земјоделството и производството на храна, а самиот симпозиум ќе биде добра можност за поттикнување дискусии, соработка и натамошна научна и истражувачка дејност меѓу универзитетите, институтите, агробизнис-секторот и останатите релевантни институции.

Во рамки на научниот собир во Охрид ќе се одржат уште и 39. Средба Факултет – Стопанство, 9-тиот Симпозиум за градинарство и цвеќарство, 6-тиот Симпозиум за лозарство и винарство, 11. Меѓународна конференција на Здружението на агроекономистите на Македонија, како и 39-та средба на Здружението за заштита на растенијата на Република Македонија.

Share Button