fbpx
ВестиТоп вести

Нивите во Струшко нема кој да ги работи

Додека на една страна  од Струшкото поле, велат дека е рајот на земјата, од другата страна има напуштени ниви кои „зеат“ за вода и нема кој да ги обработува. Останале само оние кои што верувале  дека и овде има иднина. За земјоделието  велат дека е многу тешко, но сепак ги има  и оние најупорните кои не се плашат од работа и надежта уште не ги напуштила.

На Хасан Истрефи од с. Горно Татеше  основна дејност му е земјоделието. Се вратил од Германија затоа што смета дека и кај нас овде  има услови за работа и живот.

„Ако работам, ќе работам дома, а не во странство, вели тој. Така си мислев . Имаме убаво поднебје и уште повредни земјоделци. Ама не било така.  Како намерно да се газат земјоделците. Се уништува земјоделието во државата“, додава Истрефи.

Обработува  35 – 40 ха земја. Од нив само 5 ха се во негова сопственост, за два има склучено договор, а за останатите нема ништо. Вели дека можи многу повеќе да обработува, но условите кои што владеат во моментот не му го дозволуваат тоа.

На површина од 5 ха го има засеано јачменот исто колку и пченката, а рж има на 2 ха. Останатото е со пченица, Задоволен е од приносите. Добил 4,2т по ха, за јачменот 4т/ха. Но заради сушата од пченката очекува само 20% од очекуваното. Како и повеќето земјоделци во државата и Хасан се жали на пласманот.

„Државата треба да води повеќе сметка. Сметам дека наместо субвенции државата треба да обезбеди пласман за производите. Не само за житариците  туку за сите  култури што се одгледуваат. Од толкава површина што ја обработувам јас земам субвенции само за оние 5 ха. Пченицата ја чувам во сопствен силос и ќе чекам подобра цена. Еден денар да е повеќе, ќе ми значи бидејќи имам голема количина“, објаснува Хасан.

Развојот на  земјоделието го  споредува како една куќа во градба. Вели дека куќа   се гради од темел па нагоре до покрив. Во моментов со земјоделието се почнува од покривот и затоа се’ се руши.

„Основно начело  на државата е да гарантира пласман на производите. Таа треба да не насочи која култура да ја одгледуваме , а не вака сеам пченка, компир, кромид или сончоглед ,  и без пласман  не знаеш каде да ги носиш и бараш  чаре да ги чуваш негде. Кога нема пласман  не можеш да ги покриеш  трошоците, немаш перспектива“, посочува Хасан.

Голем дел од сламата стои не собрана по нивите. Нема кој да ја купи. Со продажба на сеното покривал дел од трошоците за ѓубрење и прихрана. Ова се должи на драстично намалениот сточен фонд. Разочаран и  самиот го намалил стадото. Чува 4-5 крави и телиња, само за месо, а не за производство на млеко.

„Пред 30 години овде имаше 400 грла  крупен добиток и околу 2000 овци. Сега во овој дел може да има едвај 30 крави и 150 овци. Народот нема  на кој да се потпри. Нашиот збор не се слуша, а ако се откупат производите од тоа ќар ќе има и државата“ вели Хасан.

И покрај сите проблеми со кои се соочува сепак инвестирал во систем капка по капка за кромидот и компири и добил добри приноси: 2 тони кромид  и 5т компири. За другите култури ако заврни арно, ако не , нема да има ништо, се жали Хасан од с. Горно Татеше. За сега сите активности ги извршува со сопругата и својот син. Располага со механизација , трактор ТАФЕ од 2007 година,но му е потребна негова  замена. Аплицирал лани, но го одбиле. Сака да набави нов John Deere  со 4 плугови, за да може да ја извршува побрзо работата, но дали ќе му се исполни желбата не знае. Му останува надежта дека нешто ќе се промени и дека син му нема да си замине.

П.Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close