Нова инвестиција во ТИРЗ – постигнат договор со турската компанија „Текнопанел”
Турската компанија „Текнопанел" ќе инвестира 16 милиони евра во изградба на нов производствен капацитет во ТИРЗ Скопје. Одлуката за инвестиција е постигната на средбата во Истанбул на директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и менаџментот на компанијата.
Според инвестицискиот план и финансиски проекции,„Текнопанел” ќе отвори 120 нови работни места, со очекуван вкупен извоз од над 150 милиони евра во следните 10 години. Само како обврска за придонеси за плати, буџетот на државата ќе оствари над 5 милиони евра приходи, а обврските за данок на добивка и персонален данок на плати надминуваат 2,5 милиони евра. Според новиот концепт на привлекување инвестиции во ТИРЗ секој потенцијален инвеститор задолжително доставува 10 годишен инвестициски план врз база на кој се проценува капацитетот на компанијата и инвестицијата, и се подготвува индивидуализиран пакет за учество на државата во инвестицијата.
Компанијата е еден од најголемите извозници во Турција и на листата Топ 500 водечки индустриски компании во земјата, со 4 фабрики во Турција. Македонија е првата инвестициска дестинација за оваа компанија вон матичниот пазар.
Само од почетокот на годинава во ТИРЗ се заокружени договори со вкупен обем на инвестиции од 105 милиони евра, а во првите шест месеци е остварена највисока економска активност во зоните од нивното формирање. Во моментов се преговара со 30 компании за вкупен обем на инвестиции над 400 милиони евра. Овие бројки се должат на новиот концепт на работење и мерки на ТИРЗ и Владата за поттикнување на инвестиции. Со ваквиот тренд, директорот Деспотовски најави дека се очекува 1 милијарда странски инвестиции и отворање на дополнителни 14.000 работни места до 2024.