Нови два откупно-дистрибутивни центри по европски стандарди во Струмица и Ресен
За сигурен пласман на земјоделските производи
„Со реализација на овие капитални проекти го зголемуваме квалитетот и безбедноста на нашата храна и помагаме на нашите земјоделци да станат поконкурентни на домашните и странските пазари, а на македонското земјоделство му овозможуваме да се трансформира во поконкурентно, поквалитетно и современо, задоволувајќи ги европските и светските стандарди.
Премиерот посочи дека Владата инвестира во сите сектори и дека со поддршка на земјоделството, се помага на државата да ја оствари евроинтеграциската визија.
„Приоритетите на земјоделците ги ставивме на врвот на нашата агенда. Како ниедна Влада досега презедовме низа мерки со коишто застанавме партнерски со земјоделците и овозможивме олеснување на условите во кои работат. Станавме дел од нивните решенија, а не дел од нивните проблеми“, нагласи премиерот Ковачевски, кој порача дека само со заедничка работа можеме да ја однесеме земјата во ЕУ.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, истакна дека договорот во износ од околу половина милион евра, кој денес ресорното министерство го потпишува со избраното консултантско партнерство составено од Глобалтек Десаролос, Коленко ДООЕЛ, Нју Вижен ДОО и Биро за Урбанизам Битола ДООЕЛ е поделен во три фази. Фазите вклучуваат избор на локација, урбанистичко планирање, физибилити студија, стратешки и бизнис план, проценки на влијанието врз животната средина и социјални аспекти, главен проект и финализирање на планот за управување со животната средина и социјалните аспекти.
Новиот откупно-дистрибутивен центар во Ресен, предвидено е да се простира на површина од околу 10.000 м2, и да процесира околу 5.000 до 8.000 тони овошје.
Координаторката на Проектот за модернизација на земјоделството од Светска Банка, Ивана Наумовска, претставувајќи го проектот, рече дека очекуваат да се испорачаат сите предвидени активности. Проектот за модернизација на земјоделството, како што нагласи Наумовска, се имплементира во рамки на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во вкупен износ од 50 милиони евра од кои 46 се заем од Светска Банка и 4 милиони се од ЕУ – ИПА грант којшто се само за подкомпонентата 2.3 – воспоставување на систем за управување со нус производи од животинско потекло.