Нови жаришта на болеста „јазлеста кожа“ кај добитокот

(Oвој напис е објавен на: February 25, 2017)

Со африканскиот вирус заразени четири одгледувачници со околу 126 животни во село Злеово, Штипско

148BC323ACA4C8498A326EF7868AF070

Над 120 животни се болни од африканската болест „јазлеста кожа“, која се шири низ целата земја. По појавата на еден случај во фарма во Демир Капија, потврдено е дека болеста ја имаат и животни во село Злеово, Штипско, каде што се заразени четири одгледувачници со околу 126 животни. Како што информираат од Дирекцијата за заштита и спасување, потенцијални нови жаришта за „јазлеста кожа“ се и фарми во Делчево, Василево, Демир Капија и Радовиш, за кои во моментов се чекаат лабораториски резултати.

Последиците од болеста, доколку во скоро време не се стави под контрола, можат да бидат далекосежни, се до целосно колабирање на говедарството во земјата.

На средба, која пред два дена ја одржале претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство, Дирекцијата и повеќе надлежни институции, е посочено дека во следните денови ќе се разгледува и можноста да се побара и прогласување вонредна состојба за овие региони или на цела територија на земјата, во зависност од брзината и појавата на нови жаришта и ширењето на болеста доколку лабораториски се потврди постоење на болеста и на останатите региони.

Агенцијата за храна на некои од потенцијалните жаришта веќе има воспоставено мерки за спречување на ширење на болеста, во вид на три заштитни зони во радиус од три, десет и 50 километри околу жариштето. На средбата било договорено и вклучување на други институции со цел да се намали ризикот од проширување на вирусот.

Единственото решение за болното животно е уништување, поради што е многу важно за да се запре ширењето на болеста, а со тоа и потенцијалните економски штети. Сопствениците на уништениот добиток ќе добијат надомест на штетата која се пресметува според важечкиот ценовник.

Досега се убиени пет животни во Демир Капија поради тоа што биле од иста одгледувачница со болното животно кое беше првооткриено.

Македонија е третата земја во Европа, по Турција и Бугарија, што го потврди присуството на овој вирус, кој потекнува од Африка.

Африканскиот вирус, кој ја предизвикува болеста, е сличен на вирусот на овчите сипаници, предизвикува висока температура и отоци во вид на парички по кожата на животното. Многу лесно се шири бидејќи е високо заразен, но степенот на смртност е многу низок. Болеста не е зооноза, односно не се пренесува од заболено животно на човек и не постои ризик за здравјето на луѓето. Болеста не се пренесува ниту преку консумирање месо или млеко.

Егзотичниот вирус напаѓа првенствено добиток, но досега се сретнал и кај жирафи, африкански биволи и импали. Првата епидемија од оваа болест е сретната во Замбија во 1929 година и од тогаш се проширила низ цела Африка. Во 1989 година е потврдена и во Израел, а во 2013 година во Турција. Овој месец е откриена во Бугарија, а неколку дена подоцна и кај нас. Се пренесува со убод на комарци, а во моментов се достапни две вакцини.

Share Button