Новиот земјоделски данок нема да донесе големи товари, сметаат експертите

Новите даночни решенија за земјоделците нема да ги зголемат цените на земјоделските производи, тврдат даночните експерти. Промената не се однесува на земјоделците кои продаваат на тезгите на зелените пазари.

Тие како и до сега ќе плаќаат годишен паушален данок. Новината која ќе почне од следната година, е за лицатa кои од своите бавчи продаваат земјоделски производи на ресторани или други правни лица. Тие досега беа ослободени од плаќање данок ако имаа годишен приход до 300 илјади денари. Сега на сумата ќе платат 2% данок, односно 6.000 денари зашто се оданочува само 20 проценти од остварениот приход. Останатото се смета како признат трошок при производството.

„Целиот овој режим значи олеснување на земјоделците. Тие досега на крајот на годината поднесуваа извештај до УЈП и добиваа решение за паушално оданочување. Се оние граѓани кои остваруваат дополнителен приход од продажба на земјоделски производи, кога вршат продажба на правни лица, исплатувачот ќе мора да пресмета, задржи и уплатиперсонален данок на нивна сметка.“ – вели Павле Гацов, даночен експерт.
Според Анакиев, новата даночна политика нема да претставува удар за земјоделството.

„Земјоделците никогаш не биле оптоварени со големи даноци, факт е дека не биле толку оптоварени да не може да си платат данок. Мојот став е секој што произведува и продава на пазарот да плати. “ – вели Борис Анакиев, професор во пензија.

Од Министерството за финансии велат дека главната намера со измените е да се поедностави  даночна постапка.

„Земјоделците до сега мораа да поднесуваат барање до УЈП за паушално оданочување, па УЈП изготвуваше решение за плаќање данок, па земјоделецот плаќаше данок, па потоа пријавуваше со годишната даночна пријава. Со измените наместо ваквата сложена постапка, откупувачите веднаш го евидентираат и го плаќаат данокот во системот на УЈП и земјоделците се ослободуваат од сите обврски.“

Со предложените законски измени за персоналецот, кои деновиве треба да се најдат пред пратениците, се предвидува граѓаните  да  не пополнуваат годишна даночна пријава на шалтерите на УЈП. Тоа во нивно име ќе го прави Управата, а граѓаните ќе имаат обврска само да ги потврдат или корегираат податоците.

Share Button