Обука за геодетски компании за спроведување на физибилити студии за консолидација на земјиште

 

  

Денеска проектот финансиран од Европската Унија “Воведување на национална програма за консолидација на земјиште” (МАИНЛАНД) кој го спроведува ФАО заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), одржува обука за геодетски компании за спроведување на физибилити студии за десет избрани потенцијални области за консолидација на земјоделско земјиште. Работилницата се одржува во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанствово Скопје.

 

Главната цел на обуката е да се поддржи развојот на вештини и знаење, како и практичниот капацитет на геодетските компании кои работат на физибилити студии за консолидација на земјиште во селата Логоварди, Оптичари, Трн и Жабени во општина Битола; Соколарци, Спанчево, Чешиново и Чифлик во општина Чешиново-Облешево; Царев Двор во општина Ресен и Стојаково во општина Богданци.

 

На денешната обука се презентираат детали за спроведување на физибилити студии, како прва фаза во процесот на консолидација на земјиштето. Експерти од проектот МАНЛАНД ќе ја презентираат консолидацијата на земјиште и во поширокиот контекст на развој на локалните заедници и родово-правичен рурален развој. Претставниците на геодетските компании и Секторот за консолидација на земјиште при МЗШВ исто така ќе дознаат повеќе за основните искуства и пристапи на ЕУ во однос на планирањето на распределбата на земјиште, како втора фаза во процесот на консолидација.

 

Експертот на ФАО за земјишни политики, Мортен Хартвигсен  ја нагласи важноста  на физибилити  студиите и солидните извештаи за изводливост како основа за проценка дали консолидацијата е изводлива и, притоа дали може да се продолжи со планирање на распределба на земјиштето и техничкиот дизајн. Студијата за изводливост, истотака, е основа за олеснети преговори со земјоделците и сопствениците на земјиште кои ќе се одвиваат во фазата на планирање на распределбата на земјиштето.

 

Денешната обука исто така ги опфаќа и постоечките родови нееднаквости во однос на пристапот до земјиште и начините да се осигури дека и жените и мажите ќе имаат еднаква корист од овој процес, во согласност со заложбите на државата за родова еднаквост. Aроа Сантијаго Баутиста, експерт на ФАО за воведување на родовите аспекти во политиките, подвлече дека за да се гарантира ефикасна заштита на правата на сите во процесот на консолидација на земјоделското земјиште, од суштинско значење е активна вклученост на сите членови на заедницата.

 

Ова е трета обука за избраните геодетски компании за консолидација на земјиште. Кон крајот на 2018 година, проектот МАИНЛАНД организираше две обуки да ги подготви геодетските компании за почеток на фазата на изводливост во избраните потенцијални области за консолидација на земјиштето. Наодите од првите пет физибилити студии – за подрачјата Царев Двор, Логоварди, Оптичари, Соколарци и Спанчево – се очекуваат на почетокот на март 2019 година. Овие студии ќе покажат дали консолидацијата на земјоделското земјиште е изводлива во овие пет области. Ако е така, ќе бидат дадени препораки за најдобар пристап за консолидација на земјиштето во секоја од областите, а исто така ќе се идентификуваат и приоретизираат потребните инвестиции во земјоделска инфраструктура,  согласно потребите на секоја заедница и расположливиот буџет, соопштуваат од МАИНЛАНД.

З.Б.

Share Button