Од 50 до 90 проценти е мрзнењето кај лозјата во кавадаречко Сопот
Од 50 до 90 проценти е мрзнењето од пролетните ниски температури кај лозовите насади во кавадаречко Сопот, информира Васко Керов, претседател на Општинската комисија за проценка на штети при кавадаречката локална самоуправа.
– Се работи за поголемо оштетување од мрзнење. Кај овошните видови како кајсии, сливи и праски, оштетувањето е од 80 до 100 отсто. Површините кај кои има мрзнење се главно до реката. На земјоделските површини кои не се покрај река, скоро и да нема мрзнење, појасни Керов.
Тој информира дека 44 земјоделци од Сопот пријавиле штети од мрзнење, откако општината со јавен повик ги повика да пријават сите кои претрпеле последици од невремето.
Само кај еден земјоделец, според Керов, штетата била на поголема површина, кај останатите се работело за штети на површина од 1 до 10 декари.