fbpx
ВестиТоп вести

Окрупнувањето на земјиштето во струмичко Моноспитово заглави – надлежните со нова работилница за подигнување на свеста за консолидација

 

Тешко оди процесот на консолидација на земјоделското земјиште во струмичко. Иако атарот на селото Моноспитово беше еден  од  12 те проектирани области во првата фаза за окрупнување на земјишните парцели, заради немање интерес од  геодетските компании за да изврши премер на парцелите, процесот е стопиран. Веста ја потврдија и од Организацијата на храна и земјоделство при Обединетите нации –ФАО кои го имплементираат проектот MAINLAND, националната програма за консолидација на земјиштето заедно со МЗШВ.

,, Во Југоистокот во првата фаза имаме детектирано две области за окрупнување. Стојаково кај Богданци и Моноспитово во струмичко. Во Стојаково постапката отпочна но не и во Моноспитово бидејки немавме доволен број на геодетски компании кои би сакале да го имплементираат проектот. Ние не се откажуваме. За два до три месеци повторно ќе го понудиме атарот на Моноспитово за окрупнување,, кажа Наташа Ангелиќ од ФАО кој тврди дека за поконкурентно земјоделско производство и намалување на трошоците потребно е окрупнување на земјишните парцели

Во струмичко земјоделските стопанства земјиште имаат на повеќе места. Парцелите им се движат од еден до 5 декари и ретко кој на една локација има повеќе хектари обработливо земјиште со исклучок на големите земјоделски фирми како Струмичко поле и задругата Гоце Делчев, кои  на една локација имаат  поголеми површини претежно под винова лоза. Земјоделците не се уверени дека овој процес ќе може да заживее во струмичко бидејки парцелите им се ситни и ретко кој може да се откаже и да прави замена.

Ѓорги Ѓоргиев од струмичко Баница вели дека освен овој проблем, проблем е што нема и многу земјоделци оти сите  се иселија од државата

,,Не сум многу информиран за овој процес но од она што го слушнав станува збор за замена на земјишни парцели со цел окрупнување на истите. Тешко дека некој што со години го работел и која му припаѓа како оставнина од неговите да се откаже. Второ и нема многу земјоделци. Селата останаа празни, земјоделците ја напуштија државата. Не  сум оптимист дека окрупнување може да има на приватни парцели. Окрупнување може да има на веќе издадени парцели од државо земјоделско земјиште. Таму да се прави замена,, смета Ѓоргиев

Стојан Лазарев од Конче вели дека во неговото село се врши консолидација на земјиште од околу 32 хектари. Станува збор за претежно приватни парцели со ист квалитет. Според него само со големи парцели може земјоделците  да се надеваат да бидат поконкурентни на пазарот, но и да имат како основа за формирање на задруги кои исто така носат бенефити за земјдоелците

,,Тоа е иднината сакале или не, мора да одиме на консолидација на земјиштето и  да ги намалуваме трошоците за да бидеме поконкурентни. Кај нас  земјоделците тоа го сфатија иако тој процес оди многу тешко,, кажа Стојан Лазарев кој смета дека околу 80 одсто од парцелите во неговата општина биле ситни до максимум половина хектар

Од министерството за земјоделство сметаат дека консолидацијата дава предности и мора земјоделците да се фокусираат на окрупнувањето на земјиштето како услов да се надмине фрагментираноста на земјиштето во земјава

,,Малите и раситнети парцели резултираат со ограничен обем на производство, зголемени транспортни и производствени трошоци и неможност за примена на современа технологија и развојни инвестициони планови. Поради неисплатливоста, малите парцели неретко остануваат необработени. Со консолидацијата на земјоделското земјиште ќе се овозможи секое земјоделско стопанство да поседува земјиште на поголема парцела, Тоа ќе придонесе за намалување на  трошоците за обработка, ќе ја зголеми продуктивноста и конкурентноста на земјоделското производство, можностите за примена на модерни производствени методи и технологии,,, кажа Кирил Георгиев од Министерството за земјоделство

Во првата фаза беа избрани 12 области каде ќе се окрупнува земјиштето. По пристигнатиот интерес и направената евалуација избрани беа заедниците: Стојаково во Општина Богданци;  Логоварди, Трн, Оптичари и Жабени во Општина Битола; Лешани во Општина Дебарца; Чешиново, Соколарци, Спанчево и Чифлик во Општина Чешиново-Облешево; Царев Двор во Општина Ресен; и Моноспитово во Општина Струмица.

Преку проектот што го реализра ФАО и Министерството за земјоделие во втората фаза  ќе се избират нови 12 локации за оркупнување. Тие ќе го поддржат целокупниот процес на спроведување на претстојните физибилити студии во секоја од избраните области, преку јакнење на капацитетите на лиценцираните геодетски фирми кои ќе ги спроведуваат студиите, но и следење на теренските активности што ќе следат во наредните фази од процесот на консолидација на земјиштето.

Буџетот на проектот кој ќе трае до август 2020 година, изнесува 2,56 милиони евра, од кои 2,5 милиони евра од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ и 61,2 илјади евра од ФАО

В. Трајков

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close