
Опасноста од подзаборавената болест Птичји грип се врати на голема врата
Повторно се вклучи црвеното светло за таканаречениот Птичји грип. Првите случаи веќе се регистрирани во неколку европски и во земјите од регионот, и тоа во Хрватска, Унгарија, Германија, Данска, Холандија, како и во други држави. Иако како што уверуваат надлежните во Македонија болеста не е присутна, институциите го подигнуваат нивото на внимателност.
Имено Агенцијата за храна и ветеринарство испрати допис до ветеринарните друштва со кој им наложува веднаш да пријават евентуална зголемена смртност на живината, или ако забележат угинати птици преселници, што е клучен фактор за побрзо сузбивање на болеста. Од Агенцијата велат дека ги информирале одгледувачите на живина кои превентивни мерки е неопходно да ги преземат, со цел полесно да ја препознаат болеста, но во исто време и да го намалат ризикот од евентуална појава или ширење на Птичјиот грип во јатата.





