Општина Битола ќе ја урива дивоизградената бетонска база
Согласно законската регулатива, ќе следува решение за отстранување на објектот започнат со градба без претходно обезбедена техничка документација“, потврдуваат од Општина Битола
БИТОЛА – Општина Битола ќе ја урива дивоизградената бетонска база во индустрискиот дел на градот на фирмата „Конкрит компани“, откако пред три дена се обелодени дека никнува бесправна градба.
„Согласно дадениот налог, градежниот инспектор изврши увид, при што покрената е инспекциска управна постапка врз основа на констатираната состојба на терен. Согласно законската регулатива, ќе следува решение за отстранување на објектот започнат со градба без претходно обезбедена техничка документација“, потврдуваат денеска од Општина Битола за „Независен“.
Имено, по реакција од граѓани дека градежна фирма од Битола гради бетонска база нелегално и дека таа може дополнително да влијае врз животната средина „Независен“ стапи во контакт со еден од сопствениците на фирмата „Конкрит компани“ од Битола кој телефонски потврди кажуваше дека откако ќе ја изградат бетонската база ќе побараат Б интегрирана дозвола од Општина Битола, оти „таков бил редот“, заобиколувајќи го моментот за најважното -одобрение за градба.
„Градиме со дозвола, со документи на индустриска парцела од Г категорија. Кога ќе се изгради бетонската база потоа викаш испитување, колку се загадува воздухот, но да знаете не се загадува воздухот оти е на струја. Потоа се вади Б интегрирана дозвола од Општина Битола“, ни рече Крсте Неделковски, сопственик на „Конкрит компани“, велејќи дека станува збор за монтажен објект. Неделковски убедуваше дека Општина Битола не може да не ѝ даде дозвола на фирмата сопственик.
„Независен“ по ова испрати прашање до Општина Битола, од каде потврдија дека бетонската база е дивоградба.
„Одделението за спроведување на урбанистички планови нема издадено одобрение/решение за изградба на бетонска база на име ДПТУ ‘Конкрит компани’, во тој дел на градот Битола. Согласно член 56 од Законот за градење – Градбите и деловите од градби изградени без одобрение за градење се бесправни градби“, одговорија од Општината, додавајќи дека „општината преку одделението за урбанистичко планирање и заштита на животната средина нема издадено Б интегрирана еколошка дозвола“ за конкретната фирма.
По ова постапуваше општинскиот инспекторат кој најавува дека ќе следува решение за отстранување на објектот. (А.Б.)