fbpx
ВестиЕкологијаТоп вести

Општините најголеми загадувачи на воздухот и почвата во полошко

 

Депониите кои ги менаџираат полошките општини каде се носи комуналниот смет собран од домаќинствата се најголемите загадувачи на почвата и воздухот во овој дел од Македонија.

Ниту една општина нема уредено депонија според стандарди. Најлоша е состојбата во најголемата општината во полог Тетово.

Тука локациите за претовар на сметот постојано се менуваат и отпадот не се претовара според стандарди туку најпрвин се депонира на земја па потоа се носи во депонијата Дрисла или пак во регионалната депонија Русино.

Досега во Тетово се сменети четири локации за претовар на отпадот. Првата беше кај железничката станица од каде се ширеше непријатна миризба. По големите протести на граѓаните, локацијата за претовар се премести на влезот од градот каде исто така се претовараше сметот без стандарди. Потоа со пари од владата оваа депонија беше исчистена и станицата за претовар беше дислоцирана кај тетовски Требош. Првите неколку месеци отпадот се претовараше во специјални машини, но поради честите дефекти сметот како и порано продолжи да се депонира на земја.

-Менуваат локации за претовар на сметот и истиот се претовара на земја без стандарди. Со тоа често менување на локациите само ја загадуваат почвата на повеќе места. Локацијата кај тетовски Требош се наоѓа меѓу ниви, замислете таму кога се таложеше сметот при поројни дождови се исцедуваше дел од отпадот низ почвата и тој исцедок преку подземни води се разнесуваше низ други ниви и потоа ние од тие ниви се храниме, тоа е еколошка катастофа. За воздухот да не зборуваме колку се загадува од овие депонии. Значи институциите наместо да работат за да имаме почист воздух и почва тие со своите активности придонесуваат да имаме загаден воздух и почва, вели д-р Џавид Фејзули специјалист по хигиена и здравствена екологија.

Но сагата со депониите во тетовско не завршува тука. Минатиот месец Јавното комунално претпријате Тетово одлучи повторно да ја промени локацијата за претовар на сметот. Сега отпадот собран од тетовските домаќинства на дневна основа се носи во атарот на село Фалише. Но и таму се работи на диво. Ѓубрето се истура во една оградена нива и се истура директно на земја.

Сопственици на фирми и жители на Тетово кои имаат објекти во близина на новата дива депонија во неколку наврати протестираа, и не им дозволија на тетовските комуналци тука да го истураат сметот.

-Нема да дозволиме и на ова место каде се градат моментално и индивидуални објекти за домување да се создаде нова дива депонија. И ова место ќе се загади. Тука има и приватни фирми. Или ќе се работи според стандарди, или и во иднина ќе ги блокираме камионите на ЈКП Тетово кои го носат сметот во новата дива депонија, изјави еден сопственик на фирма лоцирана во близина на депонијата.

 Од Јавното комунално претпријатие Тетово, велат дека машините за претовар на сметот кои беа кај тетовски Требош ќе се префрлат на новата депонија кај Фалише и истата ќе работи според стандарди.

Проблемот со депониите е уште покатастрофален во руралните полошки општини. Таму сметот го фрлаат каде ќе стигнат, покрај реки, извори на средина од земјоделските површини и во атарот на шумите.

 

 Рибата смрди од главата

Како што вели народната проблемот смрди од главата, така и изворот на проблемот со отпадот во полошко е од главата односно регионален.

Регионалната депонија кај гостиварско Русино која засега е под ингеренции на владата, одамна требаше да стане современа депонија каде сметот ќе го носат сите полошки општини и истиот според ветувањата на градските но и на централнтие власти требаше да се рециклира. Со стандардизирање на оваа депонија немаше да се појавуваат еден куп други депониии во полошките општини. Но уредувањето на депонијата Русино не е до никаде. До оваа депонија моментално се гради само пат. Но и сега ветувањата на властите се големи како и во минатото.

Според Центарот за полошки плански регион, во септември на дневен ред ќе биде точката за утврдување на планот за регионално менаџирање со отпадот ,план кој треба да биде изгласан на Регионалниот Совет на Полошкиот регион, а истиот да помине како точка на дневен ред на советите во сите општини во состав на Полошкиот плански регион.

Според динамиката на проектот кој ќе се имплементира со поддршка на Швајцарската агенција за развој со стандардизирање на депонијата Русино ќе се формира и заедничко комунално претпријатие кое ќе менаџира со оваа депонија, а истото е предвидено да се реализира во 2020 година.

Исто така предвидено е да се направи локален план за менаџирање со отпадот, како и посебни локални планови на општините како тие би го менаџирале отпадот пред негова дистрибуција.

-Во тек е изработка на физибилити студија за функционирање на заедничкото комунално претпријатие за кое веќе има драфт верзија за органограмот и начинот на внатрешна организација, а во изработка е и техничка документација за рехабилитација на депонијата Русино се до нејзино стандардизирање.До сега како превентивна мерки е направена ограда околу депонијата за да се спречи диво фрлање на отпад од страна на трети лица, а брзо време ќе биде поставена кабина и вага за мерење на отпадот кој се носи од секоја општина поединечно за да имаме увид во количината на отпадот кој се фрла од секоја општина, велат од Центарот за полошки плански регион.

Инаку во депонијата кај гостиварско Русино и сега иако е без никакви станарди се носи сметот од полошките општини. На депонијата на 10 август изби голем пожар, при што целиот полог бепше обвиен во чад. Најлоша беше состојбата во Гостивар каде смрдеата и чадот од Русино навлегуваше во домовите на гостиварци.

Со огнената стихија пожарникарите и Дирекцијата за заштита и спасување се бореа неколку дена. Пожар со уште поголем размери ја зафати и дивата депонија на влезот од Тетово пред околу три години.

Но очигледно големите еколошки катастрофи не допираат многу до надлежните кои засега не преземаат сериозни чекори за дивите депонии кои практично самите ги создаваат.

Зоран Димовски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close