
Остра реакција на Националната земјоделска мрежа – јавно несогласување по повод предложените законски измени во Законот за тутун
Безусловно да се врати старото законско решение за целосна забрана за увоз на необработен ориентален тутун во нашата држава, од причина што тутунот како култура во нашата држава е стратешки производ од битно значение за државата и за тутунопроизводителите која истовремено е и социоекономска категорија од која директно зависи опстанокот на огромен број семејства.
Како Национална земјоделска мрежа, упатуваме јавно несогласување по повод предложените законски измени во Законот за тутун и сродни производи со кои се предлага времено ограничување на увоз на необработен ориентален суров тутун, се до моментот на траење на откупот.
Упатуваме јавен повик до Законодавецот безусловно да се врати старото законско решение за целосна забрана за увоз на необработен ориентален тутун во нашата држава, од причина што тутунот како култура во нашата држава е стратешки производ од битно значение за државата и за тутунопроизводителите која истовремено е и социоекономска категорија од која директно зависи опстанокот на огромен број семејства.
Исто така бараме тутунопроизводителите да бидат вклучени во сите процеси на преговарање, договарање, за начинот на производство, откуп и цена на нивниот производ како рамноправен социоекономски партнер согласно Законот за тутун и тутунски производи. Се надвор од овие предлози сметаме дека тутунопроизводителите ги доведуваат во нерамноправна положба спрема откупните компании кои истовремено ги става во монополска позиција, а истовремено и спрема државата и грубо го кршат Законот кој на тутунопроизводителите им гарантира рамноправно партнерство со државата и откупните компании и ќе доведе до изумирање на тутунопроизводството како култура. Крајно време е и државата и откупните компании најсериозно да ја сфатат комплексноста на ситуацијата и да се изнајде решение на заедничко задоволство и долгорочно и одржливо партнерство.
Национална земјоделска мрежа-претседател Ѓорги Каракашев



