Храната ќе се продава со нови покрупни декларации

(Oвој напис е објавен на: February 25, 2017)

Од утре граѓаните во продавница нема да мора да одат со лупа. Агенцијата за храна и ветеринарство определи нови правила за тоа како мора да се означуваат производите, па така информациите напишани на нив не смеат да имаат букви помали од 1,2 милиметар. Во исто време потрошувачите ќе треба да добиваат и низа нови информации за она што се нуди на рафтовите.

deklaracija-cupk-540x320

Контролите за тоа дали се почитуваат правилата ќе почнат веднаш. Казните за недисциплинираните се движат до 10.000 евра, a со нив може да оди и повлекување на целата палета производи што не се декларирани според пропишаните услови.

Сега, во рамки на редовните контроли, ќе се контролира и дали се почитуваат правилата за обележување на храната вели Абдулезел Догани, заменик-директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Нови правила важат за спакуваната храна што се продава. Имено, според нив, со зборови и со броеви треба да се означени информациите: името на храната, список на состојки, секоја состојка во храната што може да предизвика алергиска реакција кај луѓето (со задебелени букви), количество состојки, нето-количество храна, рок на употреба, посебни услови за складирање, име и адреса на операторите со храна, земја на потекло, упатство за употреба.

Доколку се работи за алкохол или производот содржи алкохол, треба да биде наведена и неговата јачината по волумен (доколку содржи повеќе од 1,2 отсто алкохол). Во исто време треба и да се означат нутритивните својства на храната.

Потрошувачите ќе мора да 6идат информирани на какви процеси била подложена храната пред да им се понуди на продажните рафтови. Така, ќе треба да имаат информација за тоа дали некое месо е одмрзнато, дали храната била замрзната со сушење или, пак, била брзо замрзната. Исто така, во случај кога при производство на храна од месо, преработки од месо и производи од риба се додадени протеини или хидролизирани протеини од друг вид животно, треба да биде содржано укажување за присуство на такви протеини и за нивното потекло.

Ако во производи и преработки од месо што се во форма на изрезок, парче, дел или труп од месо има додадено вода повеќе од 5 отсто од тежината на готовиот производ, во тој случај треба да биде вклучено укажување за присуство на додадената вода.

Треба да се наведат информации за супстанции што предизвикуваат алергиски реакции и кога станува збор за храна што се нуди во ресторани, пабови или кафулиња. Од агенцијата велат дека тие може да бидат означени на менито, на табли, на карти или да бидат вербално пренесени од персоналот. Но во тој случај тој треба да е едуциран за да може да објасни.

Инаку, примената на правилникот требаше да почне лани во ноември, но стопанствениците ја известија агенцијата дека ќе трпат штети поради големите количества амбалажа што ја имаат како резерва. Од агенцијата вчера не информираа дека нема одложувања и новите правила во сила стапуваат утре.