fbpx
Агро бизнисВестиИнтервјуаМакедонијаТоп вести

Парите од јаболката уште не ни се земени, се жалат преспанските овоштари

Овоштарите се чувствуваат излагани, понижени и незаштитени од државата.

Парите од јаболката се уште ги немаме земено, или ако сме зеле тоа е најмногу една третина од сумата, најголемиот дел од парите откупувачите не ни ги исплатија, се жалат овоштарите од Преспа.

Јаболкопроизводителите од Грнчари и Подмочани на два месеца пред новата реколта оставени без пари, велат дека се чувствуваат излажани и понижени. Земјоделците со кои разговаравме беа седнати пред селската продавница на по едно ладно пиво и сокче, велат дека тешка е состојбата во Преспа, откупувачите се кријат не им ги плаќаат јаболката, а во исто време за да биде ситуацијата уште потешка невреме со град им направи големи штети на овошките. Работат, како што велат за џабе, затоа и младите се иселуваат и не се зафаќаат со земјоделие.

Најубавите овоштарници во Преспа се пустат.

Подмочани и Грнчари се села во Горна Преспа, во источниот брег на Преспанско Езеро. И во двете села најголемиот дел од мештаните се занимаваат со земјоделие. Егзистенцијата ја обезбедуваат од производство на јаболка, малини, цреши, сливи…

Според преданија името Подмочани е изведено од коренот „моч“-мочуриште.

Слеано и испреплетено со ова село од јужната страна е Грнчари. Во Грнчари, западно од селото некогаш постоела работилница за изработка на керамички производи (грнци, врчки, стомни, тави, пајнци и др.), чија поширока локација и денес го носи името Герамидница (Ќерамидница). Во Подмочани и Грнчари се живее братски како во еден двор.

 

Благојче Кажановски (61) од селото Грнчари, земјоделец и професор по физичко образование вели дека земјоделците во нашата држава се оставени на милост и немилост без гаранција за своите производи.

-На околу 1 и пол хектар од 1.200 овошни насади произведувам јаболка, годинава не е прашањето околу произведовме туку колку исфрливме јаболка. Воопшто не сум задоволен од откупот, цената што ја добив беше под 10 денари за килограм. Не беше лошо на почеток, но после тоа се случи сите откупни центри да ја срушат цената, јаболката им останаа непродадени. Затаи дипломатија и Русија не го откупи јаболкото. Годинава не фати и мразот и ни го преполови родот, ни го оштети. Ама и пет години наназад глава не кренавме од град и невреме, ништо не ни е исплатено. Не само ние во Преспа, туку општо земјоделците во Р. Македонија се оставени на милост и немилост немаат никаква гаранција за своите производи, дали е тутун, јаболко, домат, пиперка, ништо не е сигурно во плаќањето во откупот, се пожали Кажановски.

Митко Николовски од Подмочани годишно произведува 60 тони јаболка на површина од 2 хектари и како што вели – годинава не ги продадовме јаболката туку ги дадовме за без пари, зашто исплата нема.

-Во зависност од временските услови годишно произведувам околу 3.500 гајби јаболка, ама годинава не ги продадовме туку ги дадовме јаболката, пари нема. Јас исклучиво се занимавам со земјоделие, а јаболката не ми се платени од пред Нова година. Тогаш откупувачот ми даде околу 2 илјади евра и толку, сега уште 6 илјади евра ми стојат кај него. Го барам откупувачот се крие. Слушаме само шпекулации дека во Романија му стојат неоткупени 2 илјади тони јаболка. Не ми должи само мене, туку и на други овоштари. Кај нас овде во Преспа се случува често да ни ги земат јаболката, а да не ни ги платат. Истата песна, една година плаќаат, друга не. Ќе ти каже откупувачот, утре ќе ти пуштам 150 илјади денари, а не пушта на сметка ни 15 денари. Измамени сме од сите страни. Не потисна и градот, се жали Николовски.

Јоне Евтимовски од Подмочани вели дека заради севкупните состојби во земјоделието младите од Преспа заминаа да работат по фабрики и ги напуштија нивите.

-Тешко на младите земјоделци, заминаа по фабрики, стануваат од 3 часот за на работа и кога ќе се вратат после 11 часа, тие не можат да работат земјоделие, не се способни за работа. Младите бараат начин да заминат од селото, да се иселат. Голем дел од младите не се женат, не сакаат да створат фамилија. Живееме во време кога ништо во земјоделието не ни е сигурно. Ако не знаеме како треба, тогаш доволно е да одиме во Грција, на 4 км од тука ни е границата и да видиме како таму се живее по селата и како се организирани. Колку нивното земјоделие е понапредно од нашето. Останавме назад, трактор не можеме да купиме нов да ја обновиме механизацијата. Зарем треба куќата да ја ставам по хипотека за да купам трактор што ми треба? Ние сме земјоделци само ‘на папиру’. Отидов во Војводина, Нови Сад на гости ме однесоа на плантажите со два пара системи за наводнување, јас се зачудив кај сум, им реков вратете ме назад, зошто ние сме 100 години назад, зашто во нашето село имавме канал за наводнување го ‘парнисавме’, носиме по 3 км вода до новите. Во се сме разочарани, вели Евтимовски, инаку сопственик на Етнолошки музеј во Подмочани, со една од најбогатите етнолошки збирки во Македонија. Во него е сместена ретка и импозантна збирка на над 2.000 уметнички детали: прекрасни примероци на накит, оружје, стари монети и преку 160 различни македонски народни носии од разни области на Македонија.

 

Анета Блажевска

фото Ивона Кочов

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close