Пармачка-2023 година беше тешка година за нас сточарите
Сточарството во Малешевијата пред големи предизвици
Сточарите од Малешевијата и годинава се собраа на заедничка вечер на која разменија мислењата за годината која измина, но и поставија нови цели за 2024 година. Организатор на третата по ред Сточарска вечер беше познатата земјоделка Вангелина Пармачка која е носител на земјоделско стопанство, членка на Националната федерација на фармери, како и дел од управниот одбор и дел од потсекторската група во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во групата на производители од животинско потекло.
Давајќи оценка за изминатата 2023 година Пармачка посочи дека годината била малку потешка од вообичаено поради врнежливата пролет.
„Јас сум земјоделка носител на земјоделско стопанство, а воедно со сопругот и главни организатори на оваа традиционална сточарска вечер која се одржува трета година по ред. Нас многу ни е мило што вечерва салата е полна има расположение има земјоделци. Можам да кажам 2023 година беше малку тешка година, затоа како што знаеме пролетта беше многу врнежлива, па дел од земјоделците не можеа да си го планираат своето производство. Како и секогаш досега продолжуваме понатаму, како членка на Федерација на фармери директно од терен ги собираме резултатите и ги пренесуваме директно во земјоделието. Во Националната федерација на фармери ги детектираме недостатоците, програмите кои треба да се прошират и поддржат затоа што земјоделството е една од најтешките гранки“, истакна Пармачка.
Фокусот за наредната година, додаде, останува на проширување и поддршка на сите земјоделци, со акцент на жените земјоделки.
„Во таа насока на нас земјоделците овде во салата и пошироко во државата, многу ни е мило што се препознава земјоделскиот труд, што се препознава домашното производство, затоа што секој сака да вкуси домашно, дали од нива, дали домашно сирење, буквално домашни производи кои народот ги препознава и ги бара затоа што домашното, прво е поздраво, второ е вкусно и квалитетно за разлика од куповното“, додаде Пармачка.
Целиот текст https://mkd.mk/