вести

Пчеларите бараат заштита од фалсификаторите на мед

Мед да се купува само од проверени производители, кои пчелините семејства ги чуваат во чиста околина и не користат додатоци во нивната исхрана. Пазарот е преполн со фалсификувани пчелини производи, особено на зелените пазари. Наместо корисни состојки, овој мед содржи само шеќер и нема никакви лековити својства.

pchelarite baraat zashtita od falsifikatorite na med

 

Македонските пчелари се загрижени дека нивните производи не се доволно заштитени од измами. Органските производители кои поседуваат сертификати за квалитетот на медот се неконкурентни на пазарот, бидејќи фалсификаторите лажниот мед го нудат по многу ниски цени. Поради тоа, велат производителите, на Македонија и’ недостасува апитуризам, преку кој и купувачите ќе се едуцираат каде да најдат вистински и квалитетен мед.

„Фалсификатите на пчелините производи одат дотаму што и лошиот мед може да кристализира, што досега беше еден од главните показатели дека се работи за квалитетен производ. Во Македонија има многу квалитетни производители, кои треба да имаат шанса да дојдат поблиску до своите купувачи, а тие пак имаат право да знаат што консумираат“, вели Нацо Јовчевски, пчелар од битолско Дихово.

Тој вели дека нашите села се идеални за рурален туризам, а тој се подготвува да започне туристички тури во неговиот пчеларник во Дихово.

„Имам 150 пчелни семејства, а производството на мед, матичен млеч и полен веќе премина во семеен бизнис. Сепак, сметам дека е потребна поголема промоција, по примерот на многу држави каде што се развива апитуризмот. Сите кои ја сакаат природата да можат да дојдат во пчеларникот, да посетат работилници, да дегустираат вистински мед, да научат за производството, а ако сакаат и да учествуваат во дел од процесот“, вели Јовчевски.

Размислува и да воведе искуства од Словенија, каде што пчеларниците кои се лоцирани во најчистите предели се дел и од медицински туристички тури, за болни од астма.

Јовчевски посочува дека доколку се надмине проблемот со фалсификаторите на мед, пчеларството може да биде многу профитабилна дејност. За таа цел, треба да се форсираат земјоделските задруги, бидејќи здружени пчеларите ќе бидат поконкурентни на пазарот, а ќе можат да обезбедат и доволни количини за извоз.

„Јас произведувам од 2 до 3 тони мед годишно и не можам да извезувам бидејќи минималните количини кои се бараат се над 20 тони. Пчеларството е добар бизнис за младите, може да се живее и да се заработи, но најважно е да се стави крај на нелојалната конкуренција. Најважно од се’ е тоа што пчеларите секој ден постојано се во природа, бидејќи се знае дека пчели се одгледуваат во најчистите предели. Пчеларењето и консумацијата на чист мед го подобруваат здравјето“, вели Јовчевски.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close