Вести
Пчиња ги повлекува со себе полињата на земјоделци во Коњари
Полиња со земјоделски култури во скопското село Коњари се поплавени поради излевање на реката Пчиња. Проблемот се повторува веќе неколку години поради сепарација на речното корито за ископување и екплоатација на речниот песок. Жителите на Коњари се жалат дека откако приватни фирми, кои добиле концесија од државата, го извадиле песокот, не ја исполниле обврската да ја санираат штетата.
До пред две години Пчиња не им правела никаков проблем на жителите, но последниве години го уништува нивниот посед каде одгледуваат жито, пченица, детелина, пиперка, луцерка и ред други земјоделски култури од кои преживуваат. Поради поплавите приносот од нивниот засад изминативе години е двојно помал од претходно.
Педесетина хектари земјоделско земјиште е загрозено поради излевањето на реката Пчиња. Стотина семејства преживуваат од земјоделските култури кои ги одгледуваат тука. Водата навлегува во нивните полиња, го уништува засадот, но што е најкритично го повлекува нивното земјиште со себе.
Освен тоа што ги поплавува полињата, реката ја загадува водата за пиење поради длабоките ископувања.
За проблемите на кои се жалат, од Општината само ни рекоа дека немаат информации за излевањето на Пчиња.