fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиВкусот на традицијатаЕкологијаИнтервјуаМакедонијаМеханизацијаМлад земјоделецРурален туризамТоп вести

Пеце Јанкуловски е херој на нашето време – Вербата во Бога, искуството и самодовербата ми дадоа сила да се справам со огнената стихија

„Синпекс“ Битола, прва и засега единствена приватна фирма која го награди нашиот багерист со вредносен ваучер за неговата пожртвуваност во справувањето со големите пожари.

Пеце Јанкуловски е херој на нашето време – Вербата во Бога, искуството и самодовербата ми дадоа сила да се справам со огнената стихија

Пеце Јанкуловски за време на гаснењето на пожарот во Паралово 

 

Секое време има свои херои, а херој на нашето време е Пеце Јанкуловски (41) багерист од РЕК „Битола“, кој во големиот пожар што го зафати атарот на селото Паралово, од огнот ги спаси и селото и манастирот „Св. Ѓоргија“. Пожарот избувна на 10 август, во планински терен испресечен со суводолици и по три беше ставен под контрола.

Нашиот херој вели -„Силата ми ја даде искуството со машината, пожарникарите ми велеа: Kај се најде бе дете ти, в оган влегуваш! Ми викаа: повлечи се! Каде ќе се повлечам додека не изгаснам. Огнот беше на 150 до 200 метра до манастирот.“

Јанкуловски е жител на битолската населба Горно Оризари со близу 24 годишно искуство како ракувач на градежни машини во РЕК „Битола“. Како ретко кој досега Пеце ова лето не само што се покажа како пожртвуван работник, туку и крајно предан на своите должности, напати преземајќи ризици опасни по неговата безбедност и живот во борбата со огнената стихија.

Манастирот Св.Ѓоргија

 

Со булдожер, Пеце направи заштитен појас околу селото и не дозволи пламените јазици да го распараат ниту Паралово, ниту манастирот каде се наоѓа вечното почивалиште на војводата Ѓорги Сугарев.

„Го прекинав годишниот одмор и се вратив на работа. Пожарот беснееше, на терен веќе беше „Коматсу“ 375, еден од најголемите булдожери во РЕК ‘Битола’. Техничарот ми даде инструкции дека машината треба да ја пренесам од село Грумази до село Тепавци, во меѓувреме стигна друга информација дека претходниот ден кога гаснел колегата му се урнал мостот. Двајца жители одеа пред мене и ме носеа по друг алтернативен пат. Патот беше широк 2-3 метри, а машината двојно повеќе – 6 метри. Не се исплашив, долу од страната беше провалија длабока 300-400 метри, а патот накосо. Гледав само како да излезам на височината на врвот за да се спуштам кон Паралово со големата машина“, раскажува Пеце за „Зелена берза“, еден месец по големиот подвиг.

 

Искуството со машините ти дава самодовербата да ја совладаш машината, ако се плашиш машината ќе те совлада тебе!

Пеце Јанкуловски награден со вредносен ваучев од Синпекс Битола 

 

Со Пеце се сретнавме во „Синпекс“ Битола, прва и засега единствена приватна фирма која го награди нашиот багерист со вредносен ваучер за неговата пожртвуваност во справувањето со големите пожари. Битолскиот гигант „Синпекс“ е застапник на повеќе светски брендови на земјоделски и градежни машини, а нашиот машинист и во оваа ситуација докажа како машините го движат светот со храброста на малите обични луѓе.

Всушност, Пеце на дело демонстрираше како функционира системот човек-машина, систем кој ја означува интеракцијата помеѓу обичниот човекот и машината за да се постигне дадената цел.

Ведар, позитивен за разговор и со голема љубов и почит кон моќта на машините, Пеце само потврди оти бил вистинскиот човек на вистинското место со вистинската машина во борбата со огнот. Багеристот покажа исклучителна интуиција, креативно и рационално размислување за ситуацијата, а како што вели неговата сила ја доби од искуството и моќта на машината.

„Мојата работа се машините на терен во рудникот Брод-Гнеотино. Возам багер, утоварна, скип, ровокопач, ‘унидач’, машина со телескоп. Од дете од 17 години работам во РЕК ‘Битола’ и за две до три години ги научив сите машини. Кога се отвораше рудникот јас ги правев сите траси со машина. Стекнав големо искуство, а самото искуството со машините ти дава самодовербата и сила, потврда дека можеш да ја совладаш машината, ако се плашиш машината ќе те совлада тебе“, порачува Пеце и објаснува дека работата со машини подразбира критични и ризични позиции за машинистот, но пресудно е искуството.

Гаснење на пожарот со багерот во село Паралово 

 

„Стрмен терен, карпест, чад и прашина прст пред око не се гледаше. Во тој момент не размислував на себе што може да се случи, туку мислата ми беше што побрзо да го изгаснам огнот да не зафати поголем дел од шумата. Да не го фати манастирот, оти огнот напредуваше со голема брзина. Од искуство знаев како да направам појас да ја прекинам линија на огнот, го трасирав пат, корнев се’ пред себе со моќната машина. Знам, ножот е пуштен, туркаш земја пред тебе и нема враќање назад. Гледаш, огнот иди до појасот и не префрлува од другата страна. Во еден момент се вртам назад и нема оган“, раскажува Пеце за „Зелена берза“ задоволен од постигнатото.

Ова лето Пеце се вклучил во гаснење и на други пожари во Битолскиот регион, по Паралово бил со помала машина и на пожарот кај селото Острец.

Пред некој ден повторно се вратил во Паралово и како што вели дури сега убаво видел на каков терен дејствувал. По која карпа се спуштил со  булдожерот и зошто останатите учесници во гаснењето на пожарот биле исплашени од неговиот подвиг.

„Кога видов од каде сум слегол со машината косата ми се крена. Во еден момент машината целосно се исправи и тие што гледаа си рекоа дека ќе се превртиме. Багерот се исправи како свеќа на карпата. Со мајсторија се справував со ситуацијата. Потоа огнот беше до мене доближен на пет до 10 метри. Ми се јавуваа- бегај огнот ќе ја зафати машината, но кога слегов долу веќе влегов директно во опожарените парцели со бор. Подоцна кога си отидов дома, бев жар црвен во лицето иако бев во кабината и со вклучена клима. Ама тогаш мислев само како да помогнам. Отпосле ме фати страв“, раскажува Пеце за мајсторијата во возењето на машината, но не ги крие ни чувствата.

„И во копот во рудникот сум преживеал големи ризици, одрони. И сега во пожарот ме чувал Свети Ѓоргија. Имав верба во Господ да се спаси манастирот. Не отстапив и не се повлеков. Да не се повтори“, порачува нашиот херој Јанкуловски.

 

Анета Блажевска

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close