fbpx
ВиноВкусот на традицијатаЕкологијаМакедонијаРурален туризамРурална Жена

Платформа Домашно.мк -пелагониски бренд од голема помош на земјоделците за пласирање на нивните производи

Домашно.мк стартуваше одлично, доставата на производите низ Прилеп е бесплатна.

Дигиталната платформа Домашно.мк креирана од страна на ЛАГ Агро Лидер, а со поддршка на ФООМ станува препознатлив бренд во Пелагониско. Платформата беше промовирана на Меѓународниот ден на руралната жена, а нејзината цел е за ова време на пандемијата да се изврши што е можно поголема промоција и маркетинг на земјоделските производи од Пелагонискиот Регион и да се поддржи локалното производство и локалната економија. Домашно.мк стартуваше одлично, доставата на производите низ Прилеп е бесплатна. Граѓаните започнаа со порачување на различни земјоделски производи преку интернет. Но, за жал со земање на се поголем замав на коронавирусот продажбата и купувањето некако се намалени. Од ЛАГ Агро Лидер очекуваат дека оваа иницијатива повторно ќе започне со исто темпо како и претходно, откако ќе започне да се намалува бројот на заразени.

-Имавме околу 50-тина нарачки, веќе е воведена и можноста со плаќање со картичка на самата платформа. Во ЛАГ Агро Лидер имаме вработени лица кои се задолжени за достава, која е во максимум од 48 часа. Најмногу се бараат сирење, биено сирење, традиционални преработки, ликери, слатко од аронија, тарана, апсолутно сите производи кои се промовирани, вели Марина Тошеска, од ЛАГ Агро Лидер.

Семејните земјоделски стопанства со мало производство се темелот на земјоделството во Македонија и платформа од ваков вид, во една ваква криза и тоа како им помага во пласирање на производството на земјоделците.

-Кризи како што е оваа и затворање на локалните пазари и тоа како влијаат врз овие семејни земјоделски стопанства. Затоа Домашно.мк обезбедува поддршка на семејните земјоделски стопанства со тоа што освен промоција на платформата на нивните земјоделски производи, тимот на ЛАГ Агро Лидер врши бесплатна достава за заинтересираните купувачи до нивната адреса, во градот Прилеп, додава Тошеска.

Освен економскиот импакт кој го имаа оваа платформа кај земјоделските производители сега со поддршка на Австриското министерство за социјални работи, здравство и заштита на потрошувачи и во соработка со Австриската мрежа BIENE се дава и социјален момент на платформата. Имено проектот во себе ќе ги вклучи и одредени јавни институции во Прилеп, како што е домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ каде преку проектот ќе биде набавена опрема за енергетско-штедливи светилки, а со поддршка на ЕВН ќе се овозможи репарација и инсталирање на овие светилки. Во домот ќе се подготвуваат и оброци за социјално ранливи категории.

-Преку проектот ќе се овозможат и вработувања на дополнителни кадри во Домот за стари лица во Прилеп, кои што ќе овозможат подготовка на социјални оброци, кои што преку тимот на Домашно.мк што врши достава, овие социјални оброци ќе бидат доставени до социјално ранливи категории на територијата на градот Прилеп, до нивната домашна адреса, потенцира Тошеска.

-Праксата на млади луѓе во домот за стари лица во Прилеп како готвачи и келнери ќе им донесе искуство во нивната работа, со тоа што ќе научат како да готват, ќе ја научат работата на келнерот, што ќе ги интегрира во пазарот на труд. Потоа, што се однесува на жените претприемачи, жените земјоделки, нивото на невработеност на жените во вашата земја е доста високо, а стапката на активност е многу ниска поради разноликоста на обврските, но и поради традиционалната поставеност. Се трудиме да ги интегрираме жените на пазарот на труд како претприемачи, но исто така и младите жени кои се невработени да се охрабрат. Очекуваме напредок и во заштеда на средства за струја, како и подобрување на условите за живеење на старите лица во домот. Јас би рекол дека доста комплексен проект, земајќи ги во предвид различните пристапи, комбинирањето на пазарната економија со јавниот интерес, интересот на старите лица и интересот на младите лица, изјави м-р Харалд Фугер – аташе на австриското министерство за социјални политики, здравство и заштита на потрошувачи.

Со овој проект се фаворизира, пред се органското производство, кое што е иднината на земјоделството. Во тоа секако своето големо искуство ќе го споделат од австриската мрежа BIENE, бидејќи Австрија е една водечките земји во светот во производство на органско производство.

-Имаме слични онлајн платформи, каде што локалните производители можат да ги продаваат своите продукти. Не ги знам сите онлајн платформи намети за доставување на храна, но оние кои ги знам се доста големи и продаваат на целата територија на Австрија. Исто така има различни продавачи на зеленчук, кои своите производи ги продаваат само регионално. Така да има различни решенија. Една платформа продава на национално ниво, пример леб, или месо кои не можат да бидат доставени толку брзо, додека други ги продаваат своите зеленчуци регионално или локално и тие не произведуваат големи количини и го продаваат во круг од 50 километри од нивниот дом, кажа Клеменс Рибачек, проектен менаџер, BIENE Austria (мрежа за биоенергија и одржливост на почвата Долна Австрија / ЕУ).

-Овој проект кој ќе трае 15 месеци на крајот ќе забележи видливи резултати апсолутно во секој сектор каде што делува. Во соработка со Агенцијата за поддршка на земјоделието и руралниот развој работиме да ги охрабриме земјоделците да ги следат правилниците кои излегоа за ставање во промет на млеко и производи од млеко и растителни производи кај примарните производители и објектите од мал обем на производство. Така што при промовирање на органско производство, здрава и безбедна храна ќе овозможиме на секој во нашиот град да има пристап до хранливи, вкусни и квалитетни производи од локалниот регион, истакна Тошеска.

Со проектот ќе бидат набавени и електрични велосипеди со кои ќе се разнесува храната низ градот, со што целиот проект добива и една еколошка димензија, односно се промовира зачувувањето на животната средина и намалувањето на емисијата на штетни гасови.

-Идејата за достава со велосипеди генерално е многу добра, затоа што транспортниот систем е многу голем и создава голем дел од јаглеродниот диоксид. Мислам дека идејата за регионална достава со велосипеди, особено електрични велосипеди е многу добра, бидејќи во поголеми градови во Австрија се уште е во развивање, рече Фугер.

-Претставува комбиниран пристап на пазарна економија, локални економски претприемачи и јавни институции, така што ова би можело да биде добар пример за во иднина. Што се однесува до поддршката, вашата организација да се воспостави како социо-економско претпријатие ќе овозможиме различни работилници во полето, така што се надеваме дека овој дел од проектот ќе биде исто така успешен. Посакувам секое добро на сите учесници во овој проект, потенцираше Рибачек.

Дарко Штаргоски за „Зелена берза“

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close