Почнуваат подготовки за првата Национална стратегија за oбезбеденост со храна
Поставување на основата за подготовка на интегрирана Национална стратегија за обезбеденост со храна во Северна Македонија ќе биде во фокусот на нов проект на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО).
Проектот беше промовиран денеска преку настан во Скопје, организиран од ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во партнерство со Мрежата за рурален развој на Северна Македонија, соопштија од канцеларијата на ФАО во Скопје.
Во своето обраќање, Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, истакна дека во ова време на глобални промени, од суштинско значење е да се обезбеди пристап до безбеден, стабилен и прифатлив извор на храна за сите, и дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе даде целосна поддршка во процесот на развој на Националната стратегија за обезбеденост на храната.
Тој се надоврза и на минатонеделната министерска конференција во Берлин, на која беше испратена порака дека земјоделците, но и сите граѓани, треба да се прилагодиме на новите промени и да се обединиме во изнаоѓање на нови можности за полесно надминување на кризата со храна.
„Соочувајќи се со предизвиците од пандемијата Ковид-19 и војната во Украина за домашната обезбеденост со храна, ние како министерство и Владата ја препознавме важноста на Национална стратегија за обезбеденост на храна, како патоказ за утврдување на националните приоритети за подобрување на домашното земјоделско производство, а со тоа и достапноста на храна и можноста секој да си овозможи здрава исхрана. Ваквата стратегија може да ни помогне да го направиме нашиот прехранбен систем поиздржлив и отпорен на идни вакви кризи, кои можат да ја загрозат националната обезбеденост со храна“, рече Николовски.
Генерално, проектот има за цел да го реши идентификуваниот недостаток на стратешка рамка за обезбеденост со храна во Северна Македонија преку поддршка на Владата да ги подготви релевантните документи, студии и анализи потребни за развој на првата Национална стратегија за обезбеденост со храна во државата. Проектот е дел од Регионалната иницијатива на ФАО за трансформација на системите за храна и олеснување на пристапот до и интеграцијата на пазарите, и се очекува да биде завршен до средината на 2023 година.
Последиците од пандемијата со Ковид-19 продолжуваат да ги дестабилизираат пазарите и да ги изложуваат слабостите во нашите системи за храна. Тековната војна во Украина дополнително ја компромитира глобалната обезбеденост со храна, загрозувајќи ги животите и егзистенцијата на луѓето ширум светот, вклучително и во Северна Македонија.
Синџирите за снабдување со храна, домашни и меѓународни, се нарушени и продолжуваат да влијаат на глобалните цени на житото, ѓубривата и енергијата. Меѓународните цени на храната постојано растат, зголемувајќи го и онака тешкиот товар врз глобалната обезбеденост со храна. Покрај тоа, растечката фреквенција и интензитетот на екстремните климатски настани продолжуваат да бидат главна пречка во синџирите на снабдување и проблем во обезбеденоста со храна.
По повод започнување на проектот, Ченг Фанг, економист од регионалната канцеларија на ФАО за Европа и водечки технички експерт на проектот, истакна дека „постои јасна потреба да се обезбеди перспектива кон сигурна обезбеденост со храна за македонскиот народ во иднина, имајќи ги предвид глобалните и регионалните предизвици, вклучително пандемијата Ковид-19 и војната во Украина“. Тој се заблагодари на македонската Влада што во овие критични моменти дава приоритет на прашањето за обезбеденост со храната. „ФАО, со својата обемна експертиза и искуство во одржливиот развој, е добро позиционирана да ја поддржи Северна Македонија во максимално искористување на земјоделството како најинклузивна алатка за обезбедување на храна за сите“, додаде тој.
Поконкретно, во тесна соработка со Мрежата за рурален развој на Северна Македонија, преку консултативен и партиципативен процес, ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе работат на собирање на потребни национални податоци за обезбеденост со храна и здрава исхрана, како и на детална анализа на релевантните национални политики, кои ќе послужат како основа за нацрт на идната Стратегија за обезбеденост со храна.
Дополнително, ќе се спроведе институционална анкета за да се подготви предлог за воспоставување на постојан меѓу-институционален национален координативен механизам како главно државно тело во кое ќе бидат вклучени сите засегнати министерства и државни агенции кои ќе бидат одговорни за стратешкиот надзор на спроведување на националната стратегија, закони, политики и програми поврзани со обезбеденост на храната.