fbpx
Вести

Се спасува од изумирање ендемичната македонска примитивна свиња

Ендемични видови од Македонска примитивна свиња, фенотипски карактеристичен вид свиња кој живее во исклучително специфични планински услови кои му даваат посебен белег и ги прават отпорни на болести, пронајдени се во реонот на источна Македонија.

Овие речиси диви свињи, чувани и одржани низ вековите во рурални, високо-планински природни услови, најблиски до природната средина и природните услови на егзистирање, се предмет на заштита од изумирање и исчезнување на проект кој го имплементира Здружението Граѓански центар за оджлив развој „ЕГРИ“, Крива Паланка.

– По препораки од планирачки грант за истражување ва постоење на свиња-шишка и предлагање мерки за заштита кој „ЕГРИ“ го имплементираше со помал грант на ГЕФ ( Глобален еколошки фонд), преку УНДП-светски фонд, изработен е и се имплементира „Проект за заштита на македонска примитивна свиња. Овој проект е произлезен поради тоа што не е пронајдена во карактеристичен-фенотипски облик „шишка“, па се премина кон мерки за заштита на македонска примитивна свиња која е ендемски вид, во фаза на изумирање, истакна професор Владо Вуковиќ од катедрата за анималогија при Факултет за земјоделство и храна, Скопје.

Пронајдената македонска примитивна свиња во Источна Македонија, во области на голема надморска височина, живеела во живеалишта кои биле само оградени, но исхраната главно се состоела од храна-плодови од природата: желади, храна во сирова форма, плодови од дрвја, а во зима биле дохранувани повторно со природна храна-сено.

– Токму поради условите во кои се одгледувани, но и поради природната храна со која биле исхранувани, овој вид е зачуван само во специфични подрачја во автентичен облик. Со автентичните услови, одгледани се без можност како и кога било да бидат измелезени со друг вид свињи. Отпорни се на болести, а и исклучително се издржливи. Но најважно е што, во фаза се на изумирање, ендемичен вид се и со овој проект се прават напори за зачувување на видот Македонска примитивна свиња, изјави координаторот на проектот, Васко Хаџиевски, доктор по агроекономија.

Во рамки на проектот извршен е откуп на одреден број пронајдени автентични примероци на македонска примитивна свиња и формирано е матчно стадо „нуклеус“-стадо во село Бајковце, општина Ново Село. Стадото е во сопственост на Александар Стојковски. Примероците од свињи во Бајковце се проверени од страна на доктор Вуковиќ, и по утврдениот фенотип „македонска примитивна свиња“, истите се подготвени за распределба на два до три одгледувачи, кои се заинтересирани да ги одгледуваат во карактеристичната форма со специфични природни услови. Одреден број нереви (машки свињи) и маторици ќе бидат одгледувани на различно поднебје и територии во Македонија.

Првата пилот-фарма е формирана во село Жидилово, Кривопаланечко, а сопственик е Дамјан Ивановски. Кај Ивановски се распределени пет свињи од овој ендемски вид, две маторици и три нерези и веќе еден месец се одгледуваат во фармата.

– Предизвик беше да се направи пилот-фарма со овој специфичен вид животни. Живееле и егзистирале во сосема поинакви услови, различни од ова поднебје. Едната маторица беше спрасна, па веќе ги имаме и првите, вкупно седум мали потомци на македонска примитивна свиња и одговорност е, но е интересно и задоволство е да се види дека обидот е успешен, дека се се одвива, засега, како што треба. Малите прасенца се стари шест дена и добро се адаптираа на локалните услови, изјави Ивановски.

Следниет две фарми ќе бидат формирани во Скопје, во Нерези и во Мариово, Прилепско, места од каде, според одговорните, се пријавиле заинтересирани одгледувачи.

– Следните фармери кои ќе ги одгледуваат свињите веќе ги подготвуваат живеалиштата. Сето ова ќе придонесе за зачувување на бројот семејства на македонска примитивна свиња, која е интересна и од економски аспект – месото и неговата висока цена на пазарот, рече Хаџиевски.

Сите одгледувачи кои ќе добијат примерок од ендемскиот вид свиња се должни во рок од пет години да ги одгледуваат и да го одржуваат видот во ендемична форма, не мелезејќи ги со други.

Преку работилници под водство на професор Владо Вуковиќ ќе бидат спроведени и обуки за одгледувачите за спецификите на храна, одгледување, донесување и потреби на самата македонска примитивна свиња.


 

бриф

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close