Поголема примена на нови хибридни сорти кои се поотпорни, поприносни и поквалитетни

(Oвој напис е објавен на: March 15, 2017)

 

tanjiraca

Климатските промени имаат големо влијание врз агробизнис сектор. Затоа земјоделците треба повеќе да размислуваат за употреба на нови хибридни сорти пченица, пченка, сончоглед, фуражни и градинарски култури кои се поотпорни на временските услови и поприносни и поквалитетни

Земјоделците се подготвуваат за пролетната сеидба, а за тоа со каков интензитет ќе се одвиваат активностите големо влијание имаат временските услови кои им овозможуваат на земјоделците влез на земјоделските површини и реализација на планираното. Официјално пролетната сеидба треба да започне на 1 април, иако земјоделците во некои региони, како во Овчеполието ја започнаа нешто порано. Експертите сметаат дека земјоделците треба да ја зголемат примената на нови хибридни сорти кои се поотпорни, поприносни и поквалитетни.

Народната поговорка вели „што ќе посееш, тоа ќе жнееш”, а земјоделските експерти се согласуваат со тоа и дополнуваат дека ако имаме добро примарно ќе имаме и добро секундарно производство.

– Климатските промени имаат големо влијание врз агробизнис сектор. Македонија последниве години ја зафатија големи поплави, многу ниски температури и суши кои не се карактеристични за нашето поднебје. Затоа земјоделците треба повеќе да размислуваат за употреба на нови хибридни сорти пченица, пченка, сончоглед, фуражни и градинарски култури кои се поотпорни на временските прилики и поприносни и поквалитетни, вели претседателот на Агробизнис комората, Огнен Оровчанец.

Тој апелира до македонските земјоделци да внимаваат кои хибридни сорти ќе ги користат. Ако применуваат нови сорти пченица за да не дојде до разочарување земјоделците треба да посеат само 10 до 15 отсто од површините, а не 70 отсто, додава Оровчанец.

– Новите сорти пченица се поприносни и поквалитетни и рамноправно се носат со оние на мултинационалните компании кои се светски признати. Некои од овие сорти пченица веќе се применуваат во Македонија, а оние кои допрва ќе се сеат ќе придонесат за рекордни, досега незабележани приноси, а резултатите ќе бидат евидентни во следните десет години. Новите сорти пченица можат да дадат од 9 до 12 тони пченица по хектар, вели Оровчанец.

Претседателот на Сојузот на земјоделци, Вељо Танатаров, вели дека земјоделците ги започнаа активностите околу извршување на пролетната сеидба. Во тек е снабдување со минерални ѓубрива, семенска стока и семенски препарати.

Најзастапени пролетни култури на полињата во Македонија годинава ќе бидат пченката, сончогледот, тутунот и градинарските култури.

– Радува фактот што сончогледот полека се враќа на нашите полиња. Имаше периоди кога воопшто не се садеше оваа култура, бидејќи немаше откуп, додава Тантаров.

Според него, за да ги заштитат своите посеви од временски непогоди, земјоделците треба да ги искористат субвенциите за осигурување на посевите кои изнесуваат 60 отсто од премијата.

Експертите се согласни дека ако сакаме да го зголемуваме земјоделското производство, мораме да применуваме наука. Не можеме да очекуваме конкурентни земјоделци доколку не се користат современи достигнувања, најнови агротехнички мерки, модерни сознанија и технологија, не само за житни, туку и за другите култури науката ќе има приоритет.


 

вечер