вестиТоп вести

Покрај вода се, ја гледаат, а  се без вода, се жалат жители од с.Ресава

 

 

Оваа година беше врнежлива така што се подзаборави малку на проблемите на земјоделците поврзани со наводнувањето. Покрај вода без вода и жедни. Накусо ова е состојбата со која живеат долго време населените села околу тиквешкото Езеро.  Деновиве жител од  с.Ресава кавадаречко, потсети на горливиот проблем со кој се соочуваат не само жителите на Ресава туку и селата  Дабниште и Бегниште.  И покрај тоа што  гравитираат околу Тиквешкото Езеро, не може да ја користат  водата и нивните земјоделски површини не се во можност да се наводнуваат.  Со изградбата на браната на Тиквешкото Езеро, уште во далечната 1965 г.,  голем дел од земјиштето на Ресавци им било одземено. Сега Езерото постои, вода има, ама Ресавци се радуваат само кога врне, затоа што само дождот им ги наводнува земјоделските површини, а водата од Тиквешкото Езеро не може да ја користат.

„Селаните немаат никаков бенефит од него, на 100м сме и само го гледаме езерото, ама бенефит немаме, ако даде Господ арно, ако не нема вода“, вели за Зелена берза Зоран Пешков од с.Ресава.

Зоран раскажува дека  до пред 25 години се користел  канал што требало да служи за наводнување на површините на тогашниот комбинат  „ Тиквеш“, но тој одамна не е во употреба.

„На иницијатива на селаните каналот беше реновиран. Секој жител учествуваше со тогашни 100 марки по декар, но немаше доволно пари и каналот не беше во целост реновиран. Останаа 2-3 км . Но тоа не ги реши нашите проблеми.  Пред 6-7 години беше изработен проект на иницијатива на МЗ Брушани, со кој требаше да се изнајде решение за користење на  водата од езерото за потребите на селаните. Проектот беше предаден во Министерството за земјоделство, но до сега нема ништо, глуви се, објаснува Пешков. Арно оваа година имаше врнежи па лозјето има род, инаку ништо немаше да собериме, додава тој“.

Сите информации со кои располагаат селаните се само на „рекла казала“ и „слушнав“ и до сега нема никакво конретно решение. Водата многу им значи за животот во овој регион. Велат дека пред 30  години било застапено сточарството, но сега лозарството им е единствената дејност со која се занимаваат и од која егзистираат.  Покрај проблемите  со грозјето, неговата цена и откуп, немањето на вода за наводнување им е горчлив проблем кој за сега го решваат само со планови за напуштање на земјата.

Зелена берза не успеа да добие некоја информација, што и дали нешто се планира во идниов период, но како што ќе ги дознава информациите ќе ги објавува на сајтот на здружението. Во меѓувреме жителите  што се соочуваат со овој проблем, доколку имаат некоја информација што може да помогне, слободно може да не контактираат или да ни пишуваатна  во инбокс на фан страницата на Зелена берза на Фејсбук.

Павлина Јовановска

Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close