Поларните температури можат да предизвикаат сериозни оштетувања кај овошните насади

(Oвој напис е објавен на: March 4, 2017)

polarnite temperaturi mozhat da predizvikaat seriozni oshtetuvanja kaj ovoshnite nasadi

Поларните температури кои ги зафатија Пијанец и Малешевијата можат да предизвикаат сериозни оштетувања на овошните насади на сливи, вишни и јаболка, а ниските температури кои цел месец се во двоцифрен минус, можат и целосно да го унштат стеблото на овошките, предупредуваат агрономите.

Агрономот Неџбедин Мемедов од Агенцијата за поттикнување на земјоделството од Делчево, вели дека најмногу од ниските температури, страдаат младите насади.

– Ниските температури кои овој регион го зафатија месецов можат да предизвикаат штети на овошните насади, делумни или целосни, посебно кај младите насади кои сѐ уште немаат формирано длабок корен. Студот влијае на тој начин што може да предизвика дехидрирање на стеблото. Но, за какви оштетувања ќе стане збор, ќе видиме напролет, кога ќе почне вегетацијата, изјави Мемедов.

Тој додаде дека оваа година наликува на состојбата во 1985 година, кога ниските температури предизвикале оштетување на илјадници стебла од јаболка во Делчевско, поради што овие стебла беа искорнати.

– Ако на оваа сегашна состојба се додаде и пролетниот мраз од лани кој го уништи плодот на добар дел од насадите, сегашниот студ дополнително го ослабува стеблото, рече Мемедов и потенцираше дека овоштарите треба задолжително да ги следат препораките од агрономите со цел да не дојде до несакани псоледици.

Доколку овоштарите есента добро ги заорале насадите со арско ѓубре, посочи, на тој начин, го спасиле коренот од измрзнување.

– Арското ѓубре дава топлина на коренот. Затоа, јас ги повикувам земјоделците задолжително да дојдат во Агенцијата, да се консултираат со нас, посебно при засадување нови насади, но и доколку стеблата, кога ќе почне вегетацијата, покажат извесни промени, односно штети од невремето, истакна Мемедов.

Во регионот на Малеш и Пијанец има околу 2.000 хектари со сливи и вишни. Минатата година поради мразот во април, родот на сливите беше намален за 70 отсто.

Share Button