fbpx
Двор и градина

Помело, маракуја и артичока наместо тиква и мушмула

 

marakujapomelopomelo marakuja i artichoka namesto tikva i mushmula

Помело, маракуја, бомбола, гоџи или попознатите авокадо, манго, киви, јапонско јаболко и аронија. На пазарите и по маркетите се нуди овошје и зеленчук што се разликува од она на што сме навикнале да го јадеме и кое се почесто почнува да се наоѓа на домашните трпези. Иако за килограм од него ќе платите колку за десет од традиционалните јаболка или круши, сепак се купува. Од љубопитство или од потреба, на трпезите ни се појавува и артичока, сладок компир, амарант, киноа. Некои од нив стануваат дел од менијата, други се купуваат само да се пробаат и да се заборават бидејќи се далеку од вкусот на кој сме навикнале.

Професорите од Факултетот за земјоделство и храна велат дека некои од новите производи, освен за јадење, се продаваат и како садници, но никој не води сметка дали тие може да успеат на нашите подрачја. Нутриционистите, пак, препорачуваат да се држиме до она што може да се одгледува на нашите ниви. Нема штета од пробување нешто ново, но сепак во секојдневната исхрана треба да се држиме до она што го јаделе нашите предци. Според официјалните податоци, вкупната вредност на извозот на стоки од земјава во периодот јануари-септември 2016 година изнесува 3 милијарди 178 милиони евра и бележи пораст од 6,1 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во истиот период, изнесува 4 милијарди и 448 милиони евра.

Маркетинг-трикови

Драги Димитриевски, декан на Факултетот за земјоделство и храна, вели дека нашите земјоделци се почесто се отворени за нови култури, но ова секогаш не се покажува како добра инвестиција.

– Актинидијата, јапонското јаболко, аронијата се одомаќија кај нас, но станува збор за култури што растат во слични услови како нашите. Но фирмите што работат со садници се повеќе увезуваат нови садници и прават маркетинг од ова. Се увезоа садници од гоџи, од пауловнија и што уште не. Се купуваат и се прават огромни плантажи – вели Димитриевски. Тој им препорачува на земјоделците да се држат до она што е докажано дека расте на нашите ниви.

– Треба да правиме подобрување на сортите од нашето овошје и зеленчук кое е карактеристично за ова поднебје и да ги обновуваме насадите. Добро е да се проба нешто ново, но не по секоја цена – вели Димитриевски.

Нутриционистката Татјана Турунџиева вели дека ние сме навикнати на една храна и така треба да остане.

– Цените по кои се нудат новите овошја и зеленчук се многу високи. Некои од нас и покрај тоа ги купуваат за да ги пробаат. Голем дел од нив и се фрла. Јас сум сепак за традиционалната исхрана – вели Турунџиева. Таа не ја исклучува можноста да се појават и контраиндикации на одредена храна која е нова, но вели дека тоа е индивидуално и зависи од организмот на човекот.

Во Асоцијацијата на земјоделците велат дека поведени од можноста за добра заработка што ја нудат фирмите повеќето од земјоделците купуваат садници кои потоа не го даваат посакуваниот род.

Увезуваме повеќе овошје

Официјалните податоци покажуваат дека во ноември има зголемување на увозот кај зеленчукот за нешто под 18 отсто. Во ресорот велат дека вкупниот увоз на овошје во периодот јануари – ноември година изнесува 49.803 тони во вредност од 31.884.544 евра. Во ноември увезени се 6.571 тон овошје во вредност од 860.471 евро и тој е намален 7,6 проценти во однос на увозот во истиот месец лани кога биле увезени 7.109 тони во вредност од 3.811.736 евра.

Неофицијално објаснуваат дека драстично зголемување на увозот на овошје ќе има во декември, но тие податоци ќе ги имаме во јануари. Тогаш се очекува уште поголем увоз поради тоа што се користат квотите од Турција, а цените се очекува да бидат уште пониски. Особено кај јужното овошје.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close