fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Поплави и одрони во делови од државата, во Кичево се евакуираат жители од станбени објекти

Поплави се пријавени во Кичево и во Охрид, додека одрони има на патните правци Гостивар – Стража и Тетово – Бањиче, поради што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања.

Oбилните врнежи од дожд што ја зафатија земјава предизвикаа поплави и одрони во неколку региони во западниот дел, а во тек е евакуција на жители во некои од погодените места, соопштија попладнево од Центарот за управување со кризи (ЦУК)

Како што информираат оттаму, поплави се пријавени во Кичево и во Охрид, додека одрони има на патните правци Гостивар – Стража и Тетово – Бањиче, поради што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања.

Според ЦУК, во Кичево се регистрирани поплави на повеќе станбени објекти на улицата „Прилепска“ и во тек е евакуација на жителите, а на терен се наоѓаат екипи на Општина Кичево, на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Црвениот крст, Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ и на други надлежни служби.

Во Охрид се пријавени поплави во подруми, гаражи и дворови на повеќе локации, а за состојбата се известени локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид, кои постапуваат по пристигнатите пријави.

Во Струга по пријава преку единствениот број за итни случаи – 112 е евидентиран поголем одрон на патниот правец меѓу селата Татеши и Мислодежда.

„За состојбата е известено Јавното претпријатие ‘Македонија пат’ и се преземаат активности за санација“,

велат од ЦУК.

Во околината на Тетово и Гостивар се регистрирани одрони на патните правци Гостивар – Стража и Тетово – Бањиче, при што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања.

По пријави преку бројот 112 се регистирани и излевања на реката Вардар во селото Балин Дол, на Лукавичка Река во селото Бало Турчане и на Сушичка Река во селото Горно Бањице, што предизвикале поплавување на земјоделско земјиште и на дел од дворови на куќи.

„За состојбата се известени Општина Гостивар, Дирекцијата за заштита и спасување, ЈКП ‘Комуналец’, Полициската станица ‘Гостивар’, како и ХЕЦ Маврово, каде по преземените мерки е намалено производството на електрична енергија“,

се вели во вонредното известување од ЦУК за состојбата по обилните врнежи до 17 часот.

Во Општина Боговиње, поради излевање вода надвор од постоечките канали е поплавено обработливо земјиште. Од ЦУК информираат дека директорот на Јавното комунално претпријатие „Шари“ е на терен и ги координира активностите со надлежните институции.

Кај селото Сирхан, Битолско, е саниран одрон, додека во селото Дрмени се поплавени два двора, за што се известени Општина Ресен и тамошната канцеларија на Дирекцијата за заштита и спасување.

Од ЦУК наведуваат дека врнежите од дожд продолжуваат, а состојбата на теренот и водостоите на реките се следат континуирано од надлежните институции.

Според информациите од регионалните центри за управување со кризи, состојбата на поголемиот дел од територијата на Република Северна Македонија е стабилна, без нарушување на редовната состојба.

Во Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце и Кратово нема излевање на реки, ниту се евидентирани последици од врнежите, а надлежните општински служби ја следат состојбата.

Во Скопје, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе и во Штип, исто така, не се пријавени поплави или одрони, и таму состојбата е стабилна и под контрола.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close