Поради снегот и температурите, раноградинарите од струмичко ,,бдеат’’ над расадот и пластениците

(Oвој напис е објавен на: January 11, 2019)

 

Раноградинарите од струмичко го запалија црвеното светло откако во регионот падна снег од над 30 сантиметри а темпертурите се спуштија под 15 тиот целзиусов степен под нулата . Загрижени се за расадопроизводството но и за пластениците кои веќе се подготвени за расадување на пролетната зелка, доматите, пиперките. Деновиве тие постојано дежураат покрај леите со расад кои дополнително ги затоплуваат за да не дојде до измрзнување а секојдневно го чистеа и наталожениот снег од оранжериите со полиетиленски платна.

За нив немаше ниту празник ниту слободен ден бидејки како што тврдат веќе инвестирале во семенски матријал и одгледување на расад а паралелно ги обновиле оранжериите со нови полиетиленски платна. За нив овие средства не се за потценување бидејки повратот го очекуваат дури напролет кога ќе почнаат првите берби

,,Почна нашата земјоделска мака. За добра сезона на почетокот е потребен квалитетен расад. Затоа сега сме фокусирани на таа работа. Постојано ја контролираме температурата и влажноста во леите каде ни е засаден расадот.Буквално се грижиме како за бебиња. Мораме, во спротивно нема што да работиме. Ако немаш расад немаш ни зеленчук, не си ни земјоделец. Ние имаме засеано околу 10 илјади корени пролетна зелка. Од ниските температури имаше појава на пепелница на првите листови но откако ги испрскавме, болеста стопираше. Требаше да почнеме со расадување во оранжериите но заради времето, пролонгиравме во февруари,, вели Ѓорги Петров земјоделец од Василево кој веќе ја имаше подготвено оранжеријата каде планира да ја сади зелката

Петров тврди дека поголеми последици од ниските температури може да се појават кај веќе засеаната зелка на постојано место. Во Василево пред снегот неколку земјоделци веќе ја расадиле зелката по нивите под пластеници кои немаат контролирано затоплување. Таму се можни измрзнувања иако зелката се смета за ладностеблесто растение.

,,Со оглед на ниските температури може да дојде до пореметување на растенијата кои може да потфрлат во количините по хектар или пак да се појави ,,цутење,, место да се формира плод. Тоа со години се случува, бидејки сите сакаат што порано да извадат производство кога и цената е највисока.Но тоа е нож со две острици. Или можеш да добиеш или загубиш,,потенцираше  Петров

Од снегот и ниските температури без сон е и неговиот сосед Васе Митев кој очекува од леите со тресет да никнат околу 5 илјади корени домати. Темепратурата ја контролира со подно греење.  Вклучено е постојано и троши струја. Вели дека трошоците му се зголемуваат уште на самиот старт од сезоната а не знае како ќе помине.

,,Зелката и не бара некое затоплување но доматите и краставиците да. Земјоделците веќе вклучуваат греалки, палат ќумбиња за да ги загреат колку толку леите со расад и да има константна температура. Сето тоа носи и поголеми трошоци а не знаеме каква сезона не очекува. Дали ќе има откуп по која цена ќе го дадеме производството и дали ќе ги покриеме овие трошоци.  Згора на се не знаеме и каква ќе биде зимата. Сеуште сме на почетокот. Што ако ,,кикснам,, со расадот. Што понатаму. Ќе заглавиме уште на стартот,, вели Васе Митев за кого најголем проблем е што нема загарантиран откуп и пласман на зеленчукот што го произведуваат

Агрономите тврдат дека раноградинарите посебно внимание треба да посветат на производството на расад на домати, краставици и пиперка, со оглед дека станува збор за топлостеблести растенија кои се осетливи на ниски температури. Апелираат на одржување на константна температура од 15 до 20 степени во просториите каде се одгледува расадот. Во спротивно може да дојде до измрзнување или гниење на расадот.

,, Зелката може да издржи овие температури, но земјоделците кои очекуваат или одгледуваат расад од домати, краставици мора да бидат претпазливи. Температурата не смее да падне под 15 степени во просторијата оти ќе дојде до пореметување на младиот расад од кој потоа нема да има резултати. Паралелно апелираме и на користење на биостимулатори кои ќе бидат во функција на побезболно опстојување на младите растенија низ овие ниски температури но тоа во констултација на стручни лица. Најважно во овој период е да се контролира температурата и влажноста во леите со расад, оти можни се последици,, вели Стојан Тимов агроном кој смета дека можни се штети кај веќе засеаниот раноградинарски зеленчук во кој нема контролирано греење на пластениците

Земјоделците паралелно се грижат и за веќе подигнатите пластеници каде треба да биде расеан зеленчукот. За време на врежите од снег тие дежуреа и ги чистеа снежните наноси бидејки можно е да дојде до кинење на полиетиленските платна но и уништување на оранжериските конструкции од тежината на снежната покривка.

,, Подобро е да дежуриме и да чистеме оти околу 60 илјади денари вложив во ова оранжерија за ново полиетиленско платно и планирам овде доматите да ги засадам. Ако не ја чистиме може платното да се скине и ништо не сме направиле,, одговара Сашко Трендов земјоделец од Градашорци

Во дел од населените места Куклиш, Бориево и Моноспитово дел од земјоделците го почна расадувањето на доматите и краставиците во  оранжерии кои  имат системи за парно греење на дрвја и дополнителна заштита со акрилно платно. Интензитетот на расадувањето на зеленчукот се очекува во февруари.

 

Ване Трајков

 

 

Share Button