Пораст на производството на малини во полошкиот регион
Еден од основните предуслови за успешно земјоделско работење е обезбедување пласман на земјоделските производи. Во отсуство на сигурен пласман, рентабилноста на производството е неизвесна. Истовремено, земјоделските бизниси кои имаат обезбеден пласман се често во потрага по поголеми количини и поквалитетна суровина за да можат да ја зголемат продажбата и заработката. Оваа динамика отвора совршена прилика за соработка меѓу бизнисите кои имаат обезбеден пласман (најчесто преработувачи и трговци) и производителите кои можат да им понудат дополнителни количини. За многуте земјоделци со мали парцели, ваквата соработка е најрентабилна кога се работи со култури кои се продаваат по висока цена, кои не бараат големи инвестиции за подигање на насад и кои се исплатливи за одгледување на 1-2 хектари.
Една од овие култури е малината, чие производство доживува подем во Северна Македонија во последните неколку години, особено во полошкиот регион. Голема заслуга за воведувањето на производството на оваа бобинка во земјава има LK Raspberry, една од водечките компании во полошкиот регион за производство, откуп и извоз на малини. Иако LK Raspberry веќе има развиен домашен и меѓународен пазар на кој ги пласира малините, побарувачката се зголемува од година во година. Имајќи ги предвид редовните потешкотии во обезбедување на земјиште за нови насади, моделот преку кој LK Raspberry се стреми да ја задоволи растечката побарувачка зависи од растот на нивната мрежа на кооперанти.
Меѓутоа, фактот што малкумина македонски земјоделци имаат искуство со одгледување на малини претставува предизвик за исполнувањето на овие планови. Разбирајќи ја поврзаноста меѓу својот успех и успехот на локалните земјоделци, LK Raspberry не само што обезбедува гарантиран пласман за своите кооперанти, туку и ги поддржува во подигањето на нови насади со обуки и протоколи за одгледување на малини, како и со квалитетни садници кои на кооперантите им се достапни по повластена цена.
За да го поттикне и забрза растот на овој нов вредносен синџир, Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем веќе трета година соработува со LK Raspberry во зголемување на производството на малини во полошкиот регион. За таа цел, Проектот и LK Raspberry заедно поддржаа повеќе од 15 земјоделци во подигање на нови малинови насади преку обезбедување системи за наводнување, садници и советодавна помош. Во рамки на заедничката соработка се изработи и прирачник кој ги дефинира сите агротехнички активности кои се потребни за производство на еден квалитетен и стандардизиран принос на малина. Дел од содржината на прирачникот е пресликана во табелите во овој текст.
Покрај обезбедување најквалитетни садници и едукација на кооперантите, LK Raspberry обезбедува и организиран откуп на малината и складирање во неговите капацитет за замрзнување, со што гарантира висококвалитетен производ кој ги задржува најдобрите вкусови и хранливи вредности, а притоа ја задржува формата и природната состојба. Сите кооперанти на LK Raspberry потпишуваат договор за соработка со компанијата за условите и начинот на соработката меѓу земјоделецот и компанијата.
Од досегашното искуство при подигање на нов овошен насад од малини со поддршка на LK Raspberry, вкупната вредност на инвестицијата за 1 хектар изнесува приближно 15.000 евра од кои може да се повратат 5.000 евра како поддршка за подигање на нов овошен насад од Националната програма за развој на земјоделството и руралниот развој. Веќе од втората година насадот почнува да дава полн род и приходите добиени во втората година ја исплаќаат инвестицијата и обезбедуваат профит од околу 10.000 евра за земјоделецот.
За земјоделските стопанства кои стопанисуваат со помалку од 2 хектари, економскиот напредок е потежок. Затоа фокусот треба да се насочи кон одгледување на високопрофитни култури од кои и со мала земјоделска површина ќе може да се обезбедат пристоен живот и профитабилен бизнис. Доколку сте земјоделец со мали површини и сакате да ја максимизирате вашата заработка, размислете за подигање на насад со малини!