fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Преку окрупнувањето на земјоделските парцели до модерно и рентабилно земјоделство

На многуте ситни парцели секогаш работевме и никогаш не можевме да сработиме. Со консолидацијата на земјишните парцели ќе добиеме мотив за поголеми инвестиции и попрофитабилно производство, велат земјоделците.

Постепено и многу претпазливо од средината на 2017 година во Македонија е почнат еден процес во земјоделството кој го носи решението за еден од клучните проблеми и недостатоци на нашите земјоделци а тоа е расцепканоста и ситните парцели кои се главна причина за слабата профитабилност и конкурентноста на земјоделското производство. Окрупнувањето на земјоделското земјиште е една од главните цели на кои е фокусиран проектот за воведување на национална програма за консолидација на земјиштето или скратено уште познат како МАИНЛАНД кој го финансира европската унија а го спроведува

Организацијата за земјоделство и храна на обединетите нации ФАО во партнерство со МЗШВ. Овој исклучително значен почеток на решавање на слабостите на структурата на земјоделските парцели има за цел да го придвижи тркалото, да се воспостават структури на национално и локално ниво за да може земјава да има капацитети понатаму и самата да продолжи да го спроведува во сите региони каде за тоа има потреба. Целиот процес е почнат со еден пилот проект во радовишката општина Конче и Егри во битолската општина. Тамошните одлични резултати се пресликуваат сега во другите подрачја каде се спроведува консолидацијата на земјоделското земјиште. За да почне окрупнувањето прво се прават студии за оправданоста и заинтересираноста. Многу значајно е во овој процес да имаат желба самите земјоделци активно да учествуваат и тие да го препознаат бенефитот од целиот овој процес.

-Од овој процес на крајот секој земјоделец треба да излезе задоволен со иста вредност на нивите и да добие инфраструктура односно пристапни патишта, одводнување и наводнување. Процената на земјиштето со кое влегува во процесот го прави овластен проценител според приходната вредност а не според пазарната. Потоа таа проценка оди на јавен увид за ако има забелешки да се направи нова проценка. По ова следи изготвување на нацрт план за распределба на земјиштето кој се базира на анкетите со секој сопственик поединечно во однос на што тој сака да добие од процесот. Потоа нацрт планот се става на јавен увид за да се добијат ставови и мислења за врз основа на нив да се изработи предлог план кој треба да го гласаат самите земјоделци. На собранието на учесници треба за планот да гласаат најмалку 70% од учесниците кои имаат најмалку 50% од површините. Процесот не е ниту брз ниту едноставен и трае често подолго од колку што на почетокот очекуваат земјоделците но крајната цел и долгорочно гледано ова носи бројни предности за сите кои се вклучени рече Радмила Славкова ФАО специјалист за комуникации проектот МАИНЛАНД.

По направените 14 студии за оправданост се установило дека консолидација е можна во 13 од предвидените региони и во моментов во 9 е активен овој процес. Во Долнени во селото Дабјани, во општина Чешиново Облешево во селата Соколарци и Спанчево, во општина Петровец во село Кожле и во Битола во селата Логоварди, Оптичари, Трн и Егри. Токму во Егри процесот е во најнапредна фаза. Таму е завршен планот за распределба и се чека околчувањето на новите граници на парцелите на терен, по што ќе следи и процесот за изградба на инфраструктурата.

-Јас лично имав 22 парцели со вкупна површина од 9 хектари а со новата распределба имам 4 парцели од кои две се со големина од по 3 хектари а другите две ми се многу блиску. Сега повеќе ќе може да се сконцентрирам на работата отколку на шетање од нива до нива. Со оваа распределба многу значајно е што ќе се реши наводнувањето и ќе можеме да инвестираме во современи системи наместо да влечеме по 200 до 300 метри цевки. Очекуваме и да се направат и канали за одводнување и пристапни патишта. Ваков процес имаше најава дека ќе се прави уште за време на поранешна Југославија и ова сега ние втора шанса каде ние не плаќаме за ништо и сите работи за нас ги завршуваат од проектот. Со ова мислам дека ќе добиеме многу и ќе можеме да инвестираме, да се модернизираме и да работиме далеку попрофитабилно рече Славе Стефановски земјоделец од село Егри учесник во процесот на окрупнување на површините.

Во битолското село Трн работата не е во толку напредна фаза како во Егри но и таму надежите и очекувањата на земјоделците се исти. Деновиве со последните врнежи можеше да се забележат доста од нивите како се заезерени и водата со денови стои заради малкуте одводни канали ни заради не одржувањето на оние што ги има.

-Еден од мотивите за да се вклучиме во овој процес е токму придобивката на инфраструктурата која се гради околу новите парцели. Предвидено е секоја парцела да има пристапен пат што досега беше една од причините за кавги и незадоволство помеѓу соседните ниви. Често се случува да одиме со механизацијата преку туѓи ниви и за нива од 2 декари да изгазиме 3 декари по пат па да се лутат сопствениците. Вака сега со овој процес тоа ќе се реши. Друг проблем се одводните канали. Се случува често заради водата која лежи во полето да доцниме со некои агротехнички мерки па дури и со сеидба што ни се одразува со доцна жетва  а со тоа и намалени приноси и профитабилност. Сега на терен излегува хидролог кој спрема наклонот на теренот прави план како да се ископаат одводни канали кои понатаму се надеваме и дека ќе се одржуваат соодветно рече Игор Чокузовски земјоделец од село Трн Битолско.

Локацијата на земјоделците им е најважна сметаат експертите од ФАО, односно кој каде ќе добие нива и што ќе добие. Дали новата парцела ќе има иста класа на земја или иста површина. Затоа како принцип при распределбата локацијата воопшто не е оставена на случајност или на тенденциозна желба туку со секој сопственик се прави поединечна анкета а новата локација генерално е таму каде што веќе сопственикот има поголема парцела или збир од помали парцели во еден ист блок. Блоковите ги одредува геодет кој согласно постојната водоводна мрежа од Стрежево одредува секоја парцела да има пристап до пат и да има наводнување. Во моментов само во Битола активни се процесите во атарите на четири села каде опфатени се 1600 хектари на 1200 сопственици на земјиште. Во најнапредна фаза е окрупнувањето во Егри каде се опфатени 336 хектари на 214 земјоделци. Тука планот предвидува на доскорашните 874 парцели да им се прецртаат границите со што ќе се добијат 260 парцели што е за 3,5 пати помалку со тоа што просекот од 0,38 хектари би се зголемил на 1,3 хектари по консолидацијата. Само ова е патот кон модерно европско земјоделство по кој мора да тргнеме ако сакаме да напредуваме.

Тим на Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close