fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Зелена берза слави – Три години за и со земјоделците!

„Зелена берза“ е специјализиран весник и единствен во државата наменет за поддршка на земјоделството. И во услови на пандемија кога за жал згаснаа многу македонски медиуми, па и весници, ние го продолжуваме нашиот пат, нашата мисија, да се афирмира, негува и унапредува земјоделството во нашата држава!

„Зелена берза“ слави три години постоење, а постоиме за Вас земјоделци, за нашите читатели и поддржувачи!

Започнавме пред летото во 2018 година, со една и единствена цел да се задоволат зголемените потреби од добро и сестрано информирање од областа на земјоделието, нешто што да бидеме искрени долго не постоеше во македонското медиумско небо. Наша прва задача беше да се афирмира земјоделството како важна стопанска гранка, да се негува и унапредува земјоделскиот сектор, да се решаваат проблеми, да се нудат решенија. Како во некој мозаик, ние водиме беспрекорна грижа за хармонична застапеност на сите вредности во нашето земјоделие, третирајќи теми за младите земјоделци, за афирмација на руралната жена, за поттикнување на традицијата и традиционалните вредности, да не се заборават нашите македонски вкусови, кои со векови се негувале на старите огништа, па се до денес. За вас ги споделуваме приказните за големите и мали сточари, за млекарите, за тутунарите, градинарите, овоштарите, за секој еден обичен земјоделец, кој успева да обработи парче по парче од оваа наша македонска земја и да произведува храна.

И денес обезбедуваме ставови, теми од авторитетни соработници во Македонија кои имаат име и позиција во македонскиот аграр. Експерти кои нудат совети, а од споделување на искуството никој од нас нема зијан. Ние ги третираме и толкуваме сите нови процеси што ќе го зафатат македонското земјоделие и за кои јавноста е заинтересирана.

И што е најважно, нашата мисија е благородна, нашиот весник се дистрибуира бесплатно низ цела држава, зошто ние сме огледало на нашиот македонски аграр.

Ние им пркосиме на времето, предизвиците и ќе продолжи да чекориме по патот на вистината и мудроста!

Овој весник, она што го планира во иднина е да вложи напор за двојазичност, покрај на македонски јазик да излегува и на албански јазик.

Затоа велиме – „Зелена берза“ е светлина, континуитет што мора да се негува, иако до ден денешен не добила ама баш никаква субвенција од државата за печатен медиум, средства што ги добиваат многу дневни, неделни и периодични весници.

Ние опстојуваме!

Во трите изминати години се трудевме да бидеме коректни партнери со читателите, нашите земјоделци, со цел да ја изградиме и да ја одржуваме меѓусебната доверба и симбиоза. Така и ќе продолжиме да им служиме на нашите земјоделци!

Љубовта кон „Зелена берза“ трае, и ќе трае се додека ја имаме вашата поддршка.

Продолжуваме со истата енергија, восхит кон вас земјоделците, полет, одушевување, и со уште посилна емоционална врзаност за секоја една земјоделска приказна.

Затоа чекајте ја „Зелена берза“ секој први во месецот. Читајте не и раскажувајте за нас, зошто Ние и Вие сме едно исто, што носи едно име „Зелена берза“!

Нека ни е честит третиот роденден! Посакуваме да сме заедно, најмалку и на триесет и третиот.

Да ни се множат годишнините, зошто „Зелена берза“ е зрак надеж во целото сивило што не’ опкружува.

 Христина Фуна

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close