Продолжуваат преговорите на производителите на јаболка со ресорното Министерство

(Oвој напис е објавен на: February 27, 2019)

Продолжуваат преговорите меѓу преспанските производители на јаболка и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за усогласување на барањата за продолжување на интервентната мерка од три денари за откупен килограм индустриско јаболко до 30 јуни, како и исплата на субвенциите за 2018 година пред законски предвидениот рок.

Претседателот на Здружението на овоштари Љубе Пампулевски се надева дека во наредните ден-два ќе ги усогласат барањата и ќе се изнајде решение.

Доколку не се надмине проблемот овоштарите повторно ќе побараат средба со премиерот Зоран Заев, за лично да го запознаат со што се соочуваат, а не ја исклучуваат можноста и за радикални протести.

– Интервентната мерка од три денари за продадено јаболко во индустриските капацитети може да ја донесат и сега, но спорен е периодот од 26 декември до сега. Се бара алтенативно решение. Добар дел од овоштарите имаат продадено јаболко за индустриска преработка и во овој период, појасни Пампулевски за МИА.

Работна група на Министерството за земјодество, шумарство и водостопанство требало деновиве да подготви решение и со претставници на јаболкопроизводителите да ги надминат недостатоците.

– Доколку не се најде решение овоштарите ќе одлучат што ќе прават. Подготвени се да го запознаат премиерот лично, но и да разговараат со сите политички партии. Овоштари има од повеќе политички партии и националности. Се надеваме дека барањата ќе бидат прифатени, изјави Пампулевски.

Преспанските јаболкопроизводители се надеваат дека проблемот ќе биде надминат до 1 март и нема да бидат принудени да преземаат дополнителни мерки. Нивниот проблем, како што велат, не трпи временски.

Дополнителен револт кај овоштарите се и неисплатените јаболка од страна на откупувачите за претходните години.

– Нашите откупувачи ни должат околу 3,5 милиони евра за претходните години, што дополнително предизвикува револт кај јаболкопроизводителите, вели Пампулевски.

Преспанските јаболкопроизводители добиле поддршка и од овоштарите од Битолско, Тетовско, Радовишко.


 

vecer

Share Button