fbpx
Вести

Пролетна преселба на стадата кон Бистра

Како и секоја година така и годинава, стадата овци, кои зимскиот период го поминуваат во Повардарјето, деновиве се наоѓаат на голема преселба од овој крај на земјава, кон планинските пасиште во Западна Македонија на Бистра и Стогово.

proletna preselba na stadata kon bistra

 

Токму масовната преселба на стадата овци на планинските пасишта е причина што деновиве во Кичево и околината поминуваат голем број стада во придружба на овчарите, шарпланинските кучиња и коњите натоварени со сите работи што им се неопходни на овчарите, од облека прекривки, храна и друго.

Веќе трет ден се наоѓаме на пат за Бистра. Времето не е ни малку пријатно, постојано врне дожд и е доста студено за овој период од годината. Патот е исклучително тежок, терените се меки и калливи и тоа го забавува и отежнува нашиот пат. Но против природата не можеме да се бориме. За да стигнеме до горе потребни ни се уште барем два дена. Попатно имаме незнатни загуби од овци, а има и такви што од долгиот пат или лизгање по стрмнините се повредиле и сега многу тешко го совладуваат долгиот пат. Но и тоа е дел од нашата работа, a малите загуби при овие патувања се нормална појава рекоа овчарите што деновиве ги сретнавме на пат за Бистра.

Кучињата внимателно и дисциплинирано ги следат стадата овци и како по команда, ако некоја овца се издвои брзо ја враќаат во стадото. Возачите се нервозни од колоните овци, но и овчарите, немајќи друг избор го избираат најкраткиот пат за да стигнат до бачилата. Овците во бачилата ќе останат до средината на октомври, кога побогати со најквалитетното овчо сирење, повторно треба да го изминат истиот пат сега во обратен правец, и за зимата да се лоцираат во потоплите краишта.

Последните неколку години некои сопственици на овци, своите стада до Повардарјето и назад ги превезуваат со специјални железнички вагони. На овој начин времето на патување е пократко, а загубите речиси ги нема.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close