fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Протест против изградбата на мала хидроцентрала во Пробиштипско

Жителите се во страв дека ќе останат без вода за пиење, која сега ја добиваат од водоводот што сами го изградиле. Проблем е и ерозијата на земјиштето што може да се јави, поаѓајќи од фактот дека станува збор за и онака ерозивен крај.  

Со блокада на локалниот пат што води кон локацијата каде започнаа подготвителните работи за изградба на мала хидроцентрала, попладнето протестираа жителите на пробиштипските села Турско Рударе и Шталковица.

Жителите се во страв дека ќе останат без вода за пиење, која сега ја добиваат од водоводот што сами го изградиле. Проблем е и ерозијата на земјиштето што може да се јави, поаѓајќи од фактот дека станува збор за и онака ерозивен крај.  

„Водоводот е на потег од 6 километри од селото Турско Рударе до селото Шталковица. Нивниот проект се поклопува на еден километар со нашиот водовод“, вели Ненад Лазаров.

Други жители реагираат дека зафаќањето на речните води ќе ги остави без вода за наводнување на имотите.

Оваа мала хидроцентрала, чиј инвеститор е скопската компанија „ДИС енерџи“ е лоцирана во Осоговието, кое на крајот од минатата година беше прогласено за заштитено подрачје. Од компанијата смируваат дека по изградбата на капацитетот ќе ги почитуваат правилата за биолошки минимум во реката.

„Колку е еколошкиот минимум толку ќе биде пуштено. Ќе бидат почитувани сите закони и протоколи во текот на изградбата. Месното население не треба да има проблеми и да се плаши“, изјави Влатко Тоневски.

Оваа компанија е инвеститор на уште една мала хидроцентрала, во Кочанско кај браната Гратче, за што граѓаните го искажаа своето противење. Меѓутоа, како и во кочанскиот случај, и во овој општините реагираат дека се ставени пред свршен чин. Општината во 2017 година дала негативно мислење, но активностите продолжиле. Градоначалникот на Пробиштип, Драган Анастасов вели дека немаат што да направат.

„Не смееме да ја доведеме општината да се соочиме со тужба и финансиски импликации. Не сакаме да дојдеме во ваква ситуација во која ќе треба и да одвоиме средства преку суд и да дозволиме изградба на хидроцентралата. Во една незавидна ситуација се става општината“, изјави градоначалникот Анастасов.

Граѓаните изјавуваат дека денешниот протест нема да биде нивната последна реакција, особено што за изградбата на малата хидроцентрала во нивниот регион разбрале откако почнал да се подготвува теренот. https://meta.mk/protest-protiv-izgradbata-na-mala-hidroczentrala-vo-probishtipsko/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close